Gökhan Ergöçün
15 Јануари 2021•Ажурирај: 16 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ
Мобилните оператори во Турција - „Турксел“, „Турк телеком“ и „Водафон“ - ги здружија рацете за користење на домашната апликација за пораки по име „Бип“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако новите правила за приватност на апликацијата „ВацАп“ ги принудија корисниците да прифатат споделување на нивните лични податоци со компаниите на „Фејсбук“, одредени турски корисници се префрлија на алтернативите, како што се „Телеграм“, „Сигнал“ и домашно развиените апликации „Бип“ и „Деди“.
Во врска со ова прашање, мобилните оператори активни во Турција објавија заедничко соопштение во кое порачуваат дека корисниците можат да ги користат „Бип“ и домашно развиената платформа за социјални медиуми „Јај“, без користење на нивните интернет-податоци.
„Бип“ е развиен од „Турксел“, а „Јај“ од „Турк телеком“. Клиентите на „Водафон“, кои се претплатници на специјалниот пакет на фирмата, „Водафон илетисим пас“, можат да ги користат овие апликации без користење на податоците.
Мурат Еркан, генералниот директор на „Турксел“, истакна дека податоците од Турција ќе се чуваат во границите на земјата безбедно преку „Бип“.
Умит Онал, извршниот директор на „Турк телеком“, истакна: „Посакувам ваква слична соработка да се зголеми во наредниот период.“
Енгин Аксој, челникот на „Водафон Турција“, исто така рече дека мобилните оператори ги поддржуваат локалните алтернативи во овој сектор.
Во меѓувреме, „ВацАп“ објави соопштение во кое се наведува дека апликацијата нема да ги гледа содржините на пораките на корисниците дури и по новото ажурирање.
Според новото ажурирање, корисниците нема да можат да користат „ВацАп“ по 8 февруари, доколку не ги одобрат новите правила.