Zylfije Adem Jakupi
28 Декември 2022•Ажурирај: 28 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Владата на Косово смета дека поставувањето барикади на патиштата на северот на Косово е незаконски и неприфатлив чин и дека тоа нема да се толерира, јавува Агенција Анадолија (АА).
Курти на отворањето на владината седница рече дека Владата ниту ќе разговара, ниту ќе соработува со криминалците на северот на државата, туку ќе ги апси.
„За жал, оние криминалци кои се санкционирани од Соединетите Американски Држави и Велика Британија се поддржани од претседателот и Владата на Србија со цел да се наруши територијалниот интегритет на нашата Република и да се дестабилизира регионот. Косовските институции нема да разговараат и соработуваат со криминалците, туку ќе ги апсат“, нагласи Курти.
Тој додаде дека, во согласност со безбедносните проценки, на КФОР му било дадено време и простор да дејствува, но исто така додаде дека тоа време брзо истекува.
„Имаме соработка и координација со КФОР, затоа на КФОР му беше дадено потребното време и простор и во овој случај мора да се сфати дека не може да има принцип на слободно движење и барикади на патиштата што го спречуваат слободното движење“, рече Курти.
Зборувајќи за предизвиците и достигнувањата во 2022 година, тој посочи дека косовската полиција спровела 850 операции против организираниот криминал и шверцот и дека со овие операции се „нарушува удобноста на криминалците“, особено на северот на Косово за кои „недостигот на владеење на правото беше слободата“.
Курти рече дека Косово, кога е во прашање ситуацијата на северот на земјата, со законски постапки и одлуки им се спротивставува на криминалците, кои ги оспоруваат косовските органи за спроведување на законот, но и ја поткопуваат безбедноста на земјата.
Косовскиот премиер изјави и дека во 2022 година биле уапсени вкупно 3.051 лице, од кои 288 биле јавни службеници, додека во рамките на борбата против корупцијата и организираниот криминал биле уништени 69 криминални групи и запленети над 1,9 тони наркотични супстанции.