Zülfiya Yakup
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претставниците на Косово и на Македонија денес потпишаа договор за отворање на новиот граничен премин Станчиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Договорот го потпишаа вршителот на должноста министер за надворешни работи на Косово, Емануел Демај, и заменик-министерката за надворешни работи на Македонија, Арта Точи, соопштено е од МНР на Косово. Тие овој договор го оценија како мошне важен, бидејќи со него ќе биде олеснета слободата на движење на граѓаните од двете страни на границата.
„Денес е посебен ден, особено за подрачјето на Поморавље, затоа што со потпишувањето на овој договор се отвора уште една врата за слободно движење, а особено за оние што живеат во таа зона. Косово ги исполни сите свои обврски во поглед на отворањето на граничниот премин“, изјави Демај по потпишувањето на договорот.
И заменик-министерката Арта Точи го оцени како важен овој договор.
„Отворањето на овој граничен премин е важен ден за жителите, бидејќи им се скратува патот за 20 до 25 километри. Се надеваме дека во краток рок ќе го финализираме овој проект“, изјави Точи.
Отворањето на новиот граничен премин Белановце/Куманово и Станчиќ од косовската страна е предвидено уште во 2011 година, во рамките на финансискиот договор за Програмата за прекугранична соработка, потпишан во Скопје, меѓу Косово и Македонија.