Agim Sulaj
11 Декември 2019•Ажурирај: 13 Декември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Косово, а воедно и прв вицепремиер на оваа земја, Беџет Пацоли, го прогласи за непожелна личност добитникот на Нобеловата награда за книжевност, австрискиот книжевник Петер Хандке, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пацоли тоа го потврди преку објава на социјалните мрежи, со образложение „негирање на злосторствата“.
„Денеска донесов одлука да го прогласам Петер Хандке за непожелна личност во Косово. Тој од денеска е персона нон грата. Негирање на злосторствата и поддршката за криминалците е ужасен криминал“, напиша Пацоли.
За воените злосторства предизвикани од Србија во Косово, Пацоли вчера до Специјалното обвинителство достави над 10.000 документи за кои рече дека сведочат за српските злосторства во Косово.
Пацоли исто така пред неколку дена нагласи дека амбасадорката на Косово во Шведска ќе ја бојкотира церемонијата за доделување на Нобеловата награда.
Покрај Косово, исто така и Албанија, Северна Македонија, Турција, Босна и Херцеговина, како и Хрватска, соопштија дека нема да учествуваат на оваа церемонија.