Ihvan Radoykov
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
СОФИЈА (АА) ‒ Бугарското Министерство за надворешни работи прогласи за персона нон грата двајца дипломати кои работат во Руската амбасада во Софија за наводно шпионирање против Бугарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Митко Димитров, вчера во изјава за новинарите рече дека на дипломатите им е даден рок од 48 часа да ја напуштат земјата.
„Бугарските безбедносни органи ѝ пренеле информации на министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, со докази дека двајцата осомничени биле вмешани во шпионски активности во Бугарија“, додаде Димитров.
Во соопштението, Руската амбасада во Софија соопшти дека двајца бугарски дипломати кои работат во Бугарската амбасада во Москва ќе бидат депортирани што е можно поскоро.
Во Министерството за надворешни работи била повикана и руската амбасадорка Елеонора Митрофанова, која не дошла лично, туку го испратила својот заменик.
Во меѓувреме, главниот обвинител Иван Гешев објави дека Државната агенција за национална безбедност веќе започнала истрага за пензиониран бугарски генерал кој шпионирал во име на Руската амбасада.
„Бугарскиот генерал претходно работел во Министерството за одбрана и имал пристап до доверливи информации поврзани со ЕУ и НАТО“, рече обвинителот.