Zülfiya Yakup
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
ПРИШТИНА (АА) - „Малта продолжува да ги поддржува европските интеграции на Косово и зачленувањето на Косово во меѓународните организации“, беше истакнато по состанокот на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, со министерот за надворешни работи и трговски промоции на Малта, Кармело Абела, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Абела, на заедничката прес-конференција по состанокот со Пацоли, потсети дека дипломатските односи меѓу Малта и Косово се официјално воспоставени во септември 2011 година, а Малта го признала Косово уште во август 2008 година, истата година кога е прогласена независноста. Абела истакна дека Малта ќе продолжи да го поддржува Косово во процесот на неговото зачленување во меѓународните организации, како што се Интерпол, УНЕСКО и други, затоа што тоа е гаранција за одржување на мир, безбедност и стабилност во регионот и глобално.
Тој изјави дека иако Косово ги исполнило бараните 95 критериуми за визна либерализација, во ЕУ има земји кои од политички причини се противат на укинувањето на визите за граѓаните на Косово.
„Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме визната либерализација за Косово. Ние гласавме на ЛИБЕ комитетот во Европскиот парламент, но знам дека од друга страна некои членки на ЕУ од одредени политички причини сè уште се против визната либерализација. Мораме да го продолжиме дијалогот во тој правец“, изјави министерот Абела.
Косовскиот шеф на дипломатијата, Пацоли, изјави дека и на денешниот состанок е потврдено дека Косово може да смета на безграничната поддршка на Малта во сите области.
„Разговаравме да имаме посети, да разменуваме ставови и искуства. Во блиска иднина ќе имаме електронски визи и на оние што доаѓаат во Косово ќе им овозможиме да аплицираат по електронски пат за своите визи, а Малта има искуство во тој правец, со напредниот систем, и се договоривме една наша делегација да отиде на Малта и да види како тоа функционира“, изјави Пацоли.
Тој наведе дека денес ќе биде потпишан и договор меѓу двете земји за укинување на дуплото царинење и спречување на даночното затајување на данокот на приход.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со таксите од 100 отсто за увозот на стока од Србија, Пацоли повтори дека Косово ги воспоставило таксите поради опструкциите на Србија кон Косово. Пацоли изјави дека дијалогот со Србија треба да започне истовремено со разговорите за таксите. Министерот на Малта, Абела, изјави дека неговата држава по прашањето за таксите е на иста линија со ставот на ЕУ дека таксите треба да се укинат.