Bojana Stojanovic
06 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
БЕЛГРАД (АА) - Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, денес во Белград изјави дека Приштина треба да ги повлече таксите за српската стока и да вложи напор да се продолжи дијалогот по прашањето за Косово, истовремено изразувајќи ја надежта на Италија дека компромисот по тоа прашање ќе биде многу брзо постигнат, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Конте изрази голема поддршка за напорите на Вучиќ во врска со Косово.
„Сметам дека Приштина треба да покаже неопходна обврска и напор да ги обнови преговорите, да ги повлече таксите, а ние се надеваме дека тој компромис ќе биде многу брзо постигнат“, наведе тој.
Како што изјави, Италија сака и се надева дека во наредниот период ќе владее перспектива на мир во регионот, а тоа ќе придонесе за вредностите на Европа.
Конте оцени и дека војната со даноци не му носи добро на никого.
„Тоа истото важи и за дијалогот на Белград и Приштина, мерките на воведување данок не водат напред ни на една страна“, додаде тој.
Според неговите зборови, единствен начин да се убрза патот на Србија кон Европската Унија е дијалогот.
„Сите страни мора да бидат мудри и истакнувам уште еднаш исклучително мудра беше одлуката на српската Влада во однос на таксите“, изјави тој.
Премиерот на Италија ја потврди поддршката на таа земја за европскиот пат на Србија и најави дека ќе разговара со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, за тоа на кој начин Италија како амбасадор на Србија на патот кон ЕУ може реално и конкретно да ја застапува Србија.
„Улогата на Италија во Србија и на Балканот е улога која треба да поддржи безбедност и раст, како социјален, така и економски, и двата се потребни“, истакна тој.
Тој наведе дека го потврдува приоритетот кој Србија го има во очите на Италија, како и важноста на европската перспектива за целиот регион.
Вучиќ наведе дека денес се потврдени добрите и пријателски билатерални односи на двете земји, заблагодарувајќи се што Конте пружил поддршка на европскиот пат на Србија.
„Конте изјави дека Италија ќе биде добар и искрен амбасадор на патот на Србија кон ЕУ и јас, на Вас, како пријател ви се заблагодарувам за таа реченица“, изјави тој.
Вучиќ повтори дека е подготвен за разговори кои можеби во иднина би воделе кон некое компромисно решение, но кога Приштина ќе ги укине таксите.
„Ние сме подготвени за разговори кои можеби во иднина би воделе кон некое компромисно решение, дали или нема многу, многу пат е пред нас, но секогаш е битно да се разговара за прашањата кои водат кон компромис, а не кон судири“, наведе тој.
Како што оцени, Италија го признала Косово, но има многу разбирање кон Србија по тоа прашање.
„Ние немаме влез во ЕУ додека не постигнеме ваков договор или нешто во врска со нормализацијата на односите, тоа е услов без кој ние нема да бидеме дел од ЕУ“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за односите на Србија и Италија, Вучиќ изјави дека Италија во Србија ќе има искрен пријател, соработник и сојузник.
„Ние ги анализиравме економските и политичките односи. Економски го бележиме секоја година растот во размената, прв пат преминавме четири милијарди и 35 милиони евра“, наведе тој.
Конте, кој прв пат престојува во Белград, претходно се состана и со претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ.