Admir Fazlagic
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на денешната работна посета на Република Словенија имаше средба со заменик-претседателот на Владата на Република Словенија и министер за надворешни работи, Миро Церар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на средбата беа отворени темите поврзани со европската интеграција на Северна Македонија во насока на отпочнување на пристапните преговори со Унијата, динамиката на спроведување на реформите предвидени во Планот 18, како и очекувањата од претстојните јунски самити.
„Континуираното пријателство меѓу двете земји, но и блискоста на двата народа, ми даваат за право да побарам цврста поддршка од страна на Република Словенија за европските интеграции на Република Северна Македонија, и тоа не само како глас за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите на јунските самити на Европската Унија, туку и на поддршката во промоцијата на нашата приказна и кај останатите земји - членки, промоција на успешната приказна на Балканот, која секако заслужува да биде поддржана во интерес на промоција на европските вредности во регионот“, истакна Османи на средбата, посочувајќи ја интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, и неговата европска трансформација, како взаемен интерес на двете земји кои имаат директен бенефит од безбедноста и стабилноста на регионот.
На средбата Османи изрази голема благородност до колегата Церар, но и до Владата и народот на Република Словенија, за брзата ратификација на протоколот за НАТО, први после Грција, со што, како што истакна Османи, Словенија го реафирмирала пријателството меѓу двете земји, но и блискоста на двата народи.
Во рамките на посетата на Словенија Вицепремиерот Османи оствари средби со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Добран Божич и со Програмската директорка на Центарот за европски перспективи, Андреја Долничар Јерај.