Bojana Stojanovic
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
БЕЛГРАД (АА) - Не постои сила која може да ја натера Србија да ја признае независноста на Косово, мора да разговараме и да се договараме, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме да направиме компромис и договор, но мора некој во светот и во Косово да разбере дека Србија има свои интереси. Не постои сила која може да ја натера Србија да ја признае независноста на Косово, мораме да разговараме и да се договараме“, изјави Вучиќ пред новинарите на паузата на 8. Белградски безбедносен форум.
Тој објасни дека решенијата во „потенцијална иднина треба да бидат болни за двете страни, бидејќи само така можат да бидат решенија“.
Како што додаде, Белград сака преговори со Албанците, изразувајќи надеж за продолжение на дијалогот многу наскоро.
Прашан за истрагата за убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ, Вучиќ одговори дека имаат повеќе знаење и две верзии за настанот што се проверуваат, потсетувајќи дека државните органи на Србија немаат ниту сателитски снимки, и дека не присуствувале ниту на увидот.
На прашањето што значи за Србија влегувањето на Македонија во НАТО, Вучиќ одговори дека не значи ништо.
„Ништо, вие тоа го избравте, среќен ви пат“, рече тој.
Вучиќ повторно не ја исклучи ниту можноста за одржување вонредни парламентарни избори.
„Не можам сосема да ја исклучам можноста за вонредни избори, но не велам дека ќе ги има“, наведе тој.