Andelija Stojkovic
06 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска разговараше со рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко, кој го информираше за причините за откажувањето на посетата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а Вучиќ изрази незадоволство од околностите што го спречија доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот, Боцан-Харченко рекол дека министерот Лавров не можел да дојде бидејќи рускиот владин авион не ги добил потребните дозволи за лет до Белград, врачувајќи му ги на претседателот Вучиќ соодветните документи, и изразил благодарност до српските власти за помошта во подготовката на посетата.
Вучиќ рече дека Србија и покрај сè ќе ја зачува својата независност и самостојност во политичките одлуки, ќе го продолжи европскиот пат и ќе ги негува традиционалните пријателски и партнерски односи со земјите на сите континенти и ќе ја зачува воената неутралност.
На средбата е кажано дека наскоро се очекува да се одржи средба на шефовите на српската и руската дипломатија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров.
Вучиќ рече дека се надева оти наскоро ќе се врати времето на мирот и соработката, а дијалогот и разговорот ќе станат единственото средство за комуникација во современиот свет.
Вучиќ и Боцан-Харченко разговараа за бројни теми од билатералните односи меѓу Србија и Русија, при што беше истакната потребата од подетални разговори на сите нивоа.
Српскиот претседател изјави дека во текот на денот на јавноста во Србија ќе ѝ ги објасни деталите од посетата на министерот Лавров.