Балкан

МНР: Јавна расправа за новиот предлог-закон за надворешни работи

„Се тежнее кон надминување на утврдените слабости на постојниот закон преку градење на политички неутрална дипломатска служба, со што би се придонело кон зајакнување на капацитетите на Министерството“, нагласи Димитров

Husamedin Gina  | 12.12.2019 - Обновена : 12.12.2019
МНР: Јавна расправа за новиот предлог-закон за надворешни работи (Foto: Husamedin Gina/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) – Во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, денеска се одржа јавна расправа по нацрт-текстот на новиот предлог-закон за надворешни работи, на која министерот Никола Димитров ќе го претстави предлог-законот, вклучително и предвидените новини со кои се обезбедува поголема професионализација на дипломатијата, јавува Агенција Анадолија (AA).

Министерот Димитров истакна дека целта на новиот закон е реформа на дипломатската служба, модернизација и приближување кон европските текови за современите дипломатски служби.

„Се тежнее кон надминување на утврдените слабости на постојниот закон преку градење на политички неутрална дипломатска служба, со што би се придонело кон зајакнување на капацитетите на Министерството“, нагласи Димитров, додавајќи дека намерата со новиот закон е „средување на куќата", а притоа да се запази правичноста и рационалноста со оглед на буџетските моќности.

Министерот, потсетувајќи дека првиот Закон за надворешни работи е донесен во 2006 години и е дополнуван во 5 наврати, рече дека буџетот на МНР е 21 милион евра или 0,58 проценти од вкупниот државен буџет.

Димитров, исто така, го истакна своето уверување дека во јавната дебата ќе има конструктивни предлози ослободени од матрицата на дневнополитичките и тесните интереси и додаде дека ќе се формира тело Колегиум. 

„Со новиот закон се предлага да се формира тело Колегиум, кое има надлежности во спроведувањето на насоките на политичкото раководство за остварување на стратешките цели во надворешната политика, но и заземање ставови и политика за управување со човечките ресурси“, рече Димитров, наведувајќи дека Колегиумот ќе биде составен од министерот, заменикот, државниот секретар и четири генерални директори од редот на искусните и високи дипломати.

На денешната расправа учествуваа претставници од државните институции, Собранието, релевантни институти, како и поранешни министри за надворешни работи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.