Bojana Stojanovic
12 Декември 2019•Ажурирај: 13 Декември 2019
БЕЛГРАД (АА) - Од протестот кој денеска го организираше Независното здружение на новинарите на Србија во Белград, порачано е дека без слободни медиуми нема ни слободни граѓани, со оценка дека државата не работи доволно за да ги заштити новинарите, јавува Агенција Анадолија (АА).
На протестот на плоштадот „Република“, организиран на годишнината од палењето на куќата на новинарот Милан Јовановиќ од Грочка, и за што како главен се товари Драгољуб Симоновиќ, во тоа време претседател на Општина Грочка, исто така беше објавено дека ова е само еден од повеќе од стотици случаи на напад и притисоци врз новинарите во текот на изминатата година.
Претседателот на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), Жељко Бодрожиќ, рече дека државата не прави доволно за да ги заштити новинарите.
„Државата Србија не прави доволно за да ги заштити новинарите. Нејзините институции не прават доволно за да им овозможат безбедна работа, а нејзините врвни функционери не прават ништо за да ги поддржат заради важната работа што ја извршуваат. Напротив, највисоки државни функционери прозиваат, навредуваат, малтретираат и обвинуваат неколкумина независни новинари за пристрасност и непрофесионалност“, рече тој.
Според неговите зборови, нема слободни медиуми без слободни новинари и нема слободни граѓани без слободни медиуми.
Новинарот Слободан Георгиев рече дека новинарите пропуштиле неколку шанси во изминатата година да направат повеќе, и изрази надеж дека судот ќе може да ја „истурка приказната“ за палење на куќата Јовановиќ до крај.
Тој исто така рече дека верува оти државата треба да притисне дополнително за да му обезбеди на Милан Јовановиќ покрив над главата.
„Би ги повикал граѓаните кои ни се единствена преостаната надеж да ни помогнат во тоа. Да бидат храбри како некои други луѓе кои во оваа година се охрабрија, појавија и помислија дека можеби можат со разни медиуми да раскажат приказни за тоа како навистина се живее во Србија. Дали тоа нешто ќе промени, не знам, но мислам дека не смееме да се откажеме и дека тоа е наша задача“, порача тој.
Како што изјави новинарот Раде Радовановиќ, новинарите треба да бидат борци за фактите и вистината за општеството.