Fatjon Cuka
22 Јули 2022•Ажурирај: 25 Јули 2022
ТИРИНА (АА) - Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, денеска изјави дека британските власти донеле одлука да му забранат влез во Велика Британија поради наводни врски со организирани криминални групи и корупција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Британските власти како причина наведоа јасни врски со организирани криминални групи и криминалци кои претставуваат ризик за јавната безбедност во Албанија и Обединетото Кралство и поради корупција“, рече Бериша на конференцијата за медиуми од централната Демократска партија на Албанија во Тирана.
Поранешниот албански лидер ги негира обвинувањата и додаде дека одлучил да излезе во јавност, иако одлуката дека е прогласен за персона нон грата е од доверлива природа и неговото име не е јавно наведено.
Рече дека станува збор за клевета во интерес на истата група, односно во интерес на актуелниот премиер на Албанија, Еди Рама и неговите меѓународни сојузници.
„Бев свесен за напорите на дипломатите на Стејт департментот, меѓународните партнери да се придружат на неговата одлука, без апсолутно никаква основа, за да го зголемат притисокот врз мене и да ја оправдаат својата одлука заснована на клевета“, наведе Бериша.
Бериша ги повика британските власти до правосудните органи на својата земја, како и на правосудните органи во Албанија, да достават „секаков факт, доказ или документ кој тие или кој било друг го имаат“ за обвиненијата кои ги изнесоа против него.
Британската амбасада во Тирана, во меѓувреме соопшти дека Обединетото Кралство оваа недела презема превентивни акции против одредени албански поединци кои се доведуваат во врска со криминал и корупција.
Потсетуваме, Американската амбасада во Албанија на 19 мај 2021 година ја објави одлуката на американскиот секретар Ентони Блинкен да го прогласи поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, за непожелна личност за влез во САД поради „коруптивни дејствија и поткопување на демократијата во Албанија“.
Откако Бериша е прогласен за персона нон грата од САД, поранешниот претседател на Демократската партија, Лулзим Баша, одлучи да го исфрли поранешниот премиер Бериша од парламентарната група на оваа партија, а таа одлука предизвика конфликт во партијата.