Zülfiya Yakup
04 Јули 2018•Ажурирај: 05 Јули 2018
ПРИШТИНА (AA) - Според истражувањето на Косовскиот демократски институт (КДИ), 44 отсто од граѓаните на Косово сметаат дека претседателот на земјата треба да води дијалог со Србија, додека околу 61 отсто очекуваат дијалогот да се заврши со признавање на Косово од страна на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Виолета Хаџоли од КДИ, на конференцијата за новинарите, на која беа презентирани резултатите од истражувањето на јавното мнение во врска со конечната фаза на дијалогот Косово - Србија, соопшти дека 61 отсто од граѓаните на Косово очекуваат дијалогот да се заврши со признавање на Косово од страна на Србија. Како што наведе, истражувањето покажа и дека 56 отсто од граѓаните очекуваат зачленување на Косово во Обединетите нации, 22 отсто очекуваат размена на територии помеѓу Косово и Србија, додека 25 отсто очекуваат поширока автономија за косовските Срби.
„Од анкетираните граѓани, дури високи 97 отсто се изјаснија дека ќе прифатат резултатот од финалната фаза на дијалогот да биде признавање на Косово од страна на Србија. Само 3 отсто од граѓаните не би прифатиле таков резултат. Разликата според етничката припадност беше многу длабока и нагласена, и додека околу 100 отсто Албанци и 86 отсто други заедници би го прифатиле како резултат признавањето на Косово од страна на Србија, само 9 отсто од анкетираните Срби би прифатиле признавање на Косово“, рече Хаџоли од КДИ.
Истовремено, Јета Красничи вели дека 48 отсто од анкетираните сметаат дека признавањето на Косово нема да се случи со конечен договор. Таа изнесе и резултати од истражувањето на прашањето кој треба да го предводи косовскиот преговарачки тим.
„Од граѓаните, 44 отсто сметаат дека преговарачката екипа во дијалогот со Србија треба да го предводи претседателот на Косово, 31 отсто сметаат дека таа екипа треба да ја предводи опозицискиот лидер, додека 25 отсто од граѓаните сметаат дека овој процес треба да го предводи премиерот на земјата“, рече Красничи.
На анкетираните им се поставени и прашања кои се однесуваат на внатрешната ситуација во земјата. Така, во случај парламентарните избори на Косово да се одржат следната недела, на нив сигурно би излегле 45,3 отсто од граѓаните, 29,8 отсто можеби, додека 8,8 отсто дефинитивно не би излегле.
Исто така, 30,8 отсто би гласале за Демократскиот сојуз на Косово, 23 отсто за Демократската партија на Косово, 21,2 отсто за Самоопределување, 10,4 отсто за Алијансата за иднина на Косово, 6,3 отсто за Социјалдемократската иницијатива, 2,4 отсто за Социјалдемократската партија, 2 отсто за Српската листа и 4,1 отсто за останатите.
Истражувањето е спроведено од 10 до 20 јуни 2018 година, а анкетирани се 1.072 граѓани од сите заедници од целата територија на Косово.