Vesna Besiç
04 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, денес во Сараево се состана со министерот за одбрана на Република Турција, Нуретин Џаникли, кој се наоѓа во официјална посета на БиХ, пренесува Anadolu Agency (AA).
За време на средбата е истакнато дека БиХ и Турција традиционално ги негуваат добрите и пријателски врски, и изразени се очекувања дека добрите билатерални односи уште повеќе ќе се развиваат во иднина.
Изразена е благодарност до Република Турција за помошта која ја пружи на Вооружените сили на БиХ, преку Договорот за воено-финансиската соработка, низ проекти на школување на кадетите и донации на воена опрема кои ја надминуваат цифрата од 8 милиони конвертибилни марки (4 милиони евра), што придонесува за мирот и стабилноста во БиХ и во целиот регион.
Соговорниците се согласија дека стабилноста на Босна и Херцеговина е предуслов за стабилноста на поширокиот регион, а членството во европските интеграции и активирањето на Акциониот план за членство во НАТО (МАП), во кој БиХ гледа јасна перспектива, значително придонесува за зачувување на мирот. Во овој поглед, добредојдена е силната и континуирана поддршка на Република Турција кон Босна и Херцеговина во нејзините аспирации.
На состанокот, во име на членот на Претседателството на БиХ од Република Српска, Младен Иваниќ, присуствуваше Зоран Џериќ, а во име на хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, советникот Игор Планиниќ.
Претходно денеска, турскиот министер се сретна со министерката за одбрана на БиХ, Марина Пендеш, и го посети и положи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ, на шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево. Во делегацијата беше и амбасадорот на Република Турција во БиХ, Халдун Коч.