Admir Fazlagic
05 Јули 2018•Ажурирај: 06 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија на денешната седница, со 69 гласа „за“ и еден воздржан повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, според кој официјалното име на државата ќе биде Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Законот за ратификација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство по втор пат се гласаше во Собранието, бидејќи Законот не беше потпишан од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
На денешната собраниска седница од вкупно 120 пратеници присуствуваа 70, а пратениците од опозицијата, која Договорот со Грција го смета за штетен за државата, како и претходниот пат, и денеска не беа присутни на повторното гласање, кога овој закон на 20 јуни беше усвоен во Собранието.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, се обрати пред пратениците во Собранието. Осврнувајќи се на забелешките од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, поради кои рече дека нема да го потпише Законот, Димитров истакна дека посебноста на македонскиот идентитет и јазик согласно договорот не се загрозени.
„Конечната спогодба не само што не го загрозува македонскиот идентитет, туку и го реафирмира и го зацрвстува како никогаш досега. Во практика договорот ќе донесе етаблирање на идентитетот и ќе ја надмине вечната борба за јазикот, идентитетот, ќе влеземе во ЕУ, ќе се печатат документи на македонски јазик со македонски превод“, истакна министерот Димитров.
Шефот на македонската дипломатија додаде и дека по ова гласање, согласно законите, претседателот на државата е должен да го потпише Указот.
Димитров, за забелешките од Иванов дека меѓународни договори потпишува само претседателот на државата, посочи дека меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучи и Владата на Република Македонија.
Според неговите зборови, неточна е забелешката од претседателот на државата, дека спогодбата шири страв и оти ја доведува Македонија во состојба на потчинетост кон Грција.
Пред пратниците се обрати и Ферид Мухиќ, пратеник од Коалицијата предводена од СДСМ. Тој рече дека нема да гласа против, туку воздржано. Мухиќ истакна дека самиот услов за промена на името и на Уставот е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право, како и дека станува збор за преседан, бидејќи никој досега не барал од една суверена држава промена на име и устав.
„Ова кршење на повелбата мора да се нотира, гласот на овој народ мора да се слушне и светот мора да знае на што се принудени народот и државата со оваа спогодба“, рече Мухиќ.
Пратеникот Мухиќ додаде дека со спогодбата „се создава погрешен впечаток дека сме украле нешто туѓо, дека сме фатени во таа кражба и со каење го враќаме на вистинскиот сопственик и тој е подготвен да ни прости“. Во своето излагање од собраниската говорница, Мухиќ ја цитираше германската канцеларка Ангела Меркел, според која, „националното достоинство не може да биде предмет на никаков компромис“.
Потсетуваме, Собранието го ратификуваше Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство на 20 јуни и истиот ден тој беше потпишан од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери, и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што претходно најави, го врати Законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Во текот на минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот со Грција.
Во изминатите денови претседателот на Собранието, Џафери, најави дека по прегласувањето ќе го испрати Законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чиј указ Иванов не го потпиша.