САРАЕВО (АА) - „Европската перспектива за БиХ значи мир, стабилност и економски просперитет“, се порачува по состанокот на претседавачот на Советот за министри на Бих, Денис Звиздиќ, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, во Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Звиздиќ се заблагодари за сè што Бугарија направи за БиХ, посебно во последните шест месеци. Тој потсети дека на почетокот на јули е завршено бугарското претседавање со ЕУ, кое го презеде Австрија.
„И она што сме исклучително благодарни, не само во БиХ, туку и во сите земји од Западен Балкан, е фактот што за време на бугарското претседавање Западниот Балкан остана во фокусот на интересот на ЕУ. Тоа е многу важно за нас, бидејќи европската перспектива е клучна надворешно-политичка цел и приоритет на БиХ. Тоа ни овозможува да продолжиме со активностите за реализација на европската агенда на БиХ“, рече Звидиќ.
Веднаш по октомвриските избори, како што рече, тие очекуваат дека ќе одат во правец на доделување на кандидатски статус за БиХ и дека ќе дојде до активација на МАП како нареден чекор кон интеграциите во НАТО.
„Вториот приоритетен правец е прашањето за економскиот развој и особено развојот на инфраструктурата. Ние постојано работиме на ова и на тоа посебно инстистираше уважениот премиер, размислувајќи и ставајќи ја во фокус инфраструктурата и поврзувањето на сите земји на Западен Балкан со ЕУ“, појасни Звиздиќ.
Третиот правец е, како што нагласи, зачувувањето на мирот и стабилноста и борбата против сите видови екстремизам.
„И тука направивме многу значаен прогрес. Тој е малку засенет со фактот дека во БиХ активно трае предизборната кампања. Сосема сигурно ќе го зачуваме позитивниот момент бидејќи европската перспектива и јакнењето на животниот стандард на нашите граѓани се приоритети кои и понатаму ќе бидат на топ листата на задачите што ги работевме“, истакна Звиздиќ.
Тој потсети дека Бугарија е земја која го поминала процесот што ја чека БиХ.
„Европската перспектива за БиХ значи мир, стабилност и економски просперитет“, порача Звиздиќ.
Бугарискиот премиер Борисов изјави дека со австрискиот министер за надворешни работи и интеграции, Себастијан Курц, се договорил дека во континуитет ќе продолжи поддршката на БиХ и за време на претседавањето на Австрија со ЕУ.
Тој укажа на важноста на одржувањето на правецот на поврзаност, развојот на дигиталната инфраструктура и проектите поврзани за економскиот развој.
„Би сакал да напоменам две важни работи кои се одвиваат на релација Софија - Скопје и Скопје - Атина. Кога е во прашање Софија - Скопје, тука имаме договор кој е потпишан, а на релација Скопје - Атина се случи прогрес на кој сите бевме сведоци“, изјави Борисов.
Тој се осврна и на тоа што БиХ може да го направи за да го следи овој пример и да пронајде решение за својата ситуација.
„Ова не беа едноставни решенија ни за Македонија, ниту за Грција, ниту за Бугарија. Овој договор ја реши ситуацијата меѓу Македонија, Албанија и Србија. Значи, даде нова европска перспектива за овие три земји. А исто така, ситуацијата со Косово и конфликтот кој постои ќе биде разрешена“, изјави Борисов.
Тој истакна дека Бугарија е одличен пример за етничка и религиска толеранција и тој пример може да се искористи во БиХ.
„По изборите во октомври ќе мора да се одлучите по кој пат сакате да одите. Сите колеги од ЕУ стојат со вас и БиХ е многу важна за нив бидејќи навистина веруваат дека БиХ може да биде бастион или нивни сојузник во борбата против радикалниот исламизам“, порача Борисов.
news_share_descriptionsubscription_contact
