Mustafa Talha Öztürk
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
САРАЕВО (АА) ‒ За време на војната во Босна и Херцеговина во периодот меѓу 1992 и 1995 година извршени се стотици масакри, луѓето се палени живи, рече истражувачот на геноцидот Хикмет Карчиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Карчиќ за АА говореше за извршените масакри и бројот на загинати во војната.
„Многу невини луѓе ги загубија животите. Вишеград е меѓу градовите кои беа сведоци на овие масакри“, рече Карчиќ.
Тој истакна дека многу од одговорните за масакрите не се ни изведени пред лицето на правдата.
„Во 1992 година, повеќе од 140 Бошњаци беа насилно внесени во куќите на Адем Омерагиќ и Мехо Алииќ во градот Вишеград и запалени“, рече тој.
Раскажувајќи за уште еден масакр, Масакрот во Бел Поток, во близина на градот Зворник, Карчиќ рече дека тоа е еден од најбруталните масакри.
„Во овој масакр беа убиени 700 Бошњаци. Сите жртви беа погребани во масовните гробишта наречени „Црн Врв“, каде што беа погребани и некои од жртвите од масакрот во Сребреница во 1995 година“, рече тој.
Додаде дека сторителите сѐ уште не се кривично гонети.
Карчиќ рече дека оваа масовна гробница во Зворник е најголемата масовна гробница пронајдена пред гробиштата „Томашица“ во близина на градот Предор.
„Ова ни покажува дека извршителите на масакрите во Зворник и Сребреница биле истите луѓе. Во Босна и Херцеговина се извршени многу масакри кои досега не биле предмет на истражување. Геноцидите и злосторствата против човештвото често се познати, но извршени се стотици масакри, чиј точен број не е познат.“
Карчиќ рече дека списокот на местата каде што биле извршени масакри е многу голем.
„Во концентрациониот логор „Каратерм“ беа убиени меѓу 120 и 150 луѓе. Подоцна се случија масакри во регионите Гацко и Невесиње. Во регионот на Горажде беа масакрирани десетици цивили. Исто така, беа извршени масакри во селата Ризвановиќи, Хамбарине и Цероково во близина на реката Сана“, рече Карчиќ, додавајќи дека околу 200 луѓе биле убиени и закопани во масовни гробници во селото Билјани во градот Клуч.
„На 23 октомври 1993 година, 38 бошњачки цивили беа убиени од силите на Хрватскиот совет за одбрана во селото Ступни До, во близина на градот Вареш. Повторно од истите сили, во Киселјак загинаа 17 жени, 5 деца и многу стари лица, а 11 лица беа запалени. Најмладата жртва која беше убиена овде беше двогодишното девојче Сабина Ликиќ.“
Карчиќ рече дека целото село било ограбено откако во истиот регион биле запалени 58 куќи и една џамија.
Утрото на 16 април 1993 година, воените сили на Хрватскиот совет за одбрана извршија ненадеен напад во селото Ахмиќи, каде што се убиени 116 Бошњаци. Најмладата жртва во Ахмиќи беше тримесечно бебе.
Војната во Босна и Херцеговина започна на 1 март 1992 година и траеше до 14 декември 1995 година.
Во период од над три години, животите ги изгубија повеќе од 100.000 луѓе, а околу 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат.
Босна и Херцеговина доживеа големи страдања за време на војната од 1992 и 1995 година, вклучувајќи ја и опсадата на Сараево и геноцидот во Сребреница, најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна.
Опсадата на главниот град Сараево започна на 5 април 1992 година; траеше вкупно 1.425 дена, а беа убиени 11.541 лице, од кои 1.601 беа деца.
Повеќе од 50.000 цивили беа повредени од околу 500.000 гранати фрлени врз градот.
Кон градот дневно биле фрлани просечно по 329 минофрлачки гранати.
Над 8.000 мажи и момчиња Бошњаци беа убиени кога силите на босанските Срби влегоа во Сребреница во јули 1995 година, и покрај присуството на холандските мировни трупи.