Furkan Abdula
22 Март 2023•Ажурирај: 23 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, упати честитка по повод муслиманскиот месец на постот, Рамазан, пренесува Анадолу.
„Најпрвин му благодариме на Возвишениот Бог, со чија дозвола вечерва го започнуваме постот, кој е специфичен ибадет на месецот Рамазан и кој ибадет го прави овој месец да биде величествена манифестација со сета своја содржина и виталност, кој сам по себе пренесува многу пораки, не само за муслиманите туку и за целото човештво“, нагласи Фетаху во честитката објавена на профилот на социјалните мрежи на ИВЗ.
„Најнеопходна порака за времето во кое живееме, која Рамазан му ја пренесува на нашето општество, е пораката за мир, добрина и хуманост. Оваа порака се рефлектира преку солидарност и милосрдие кон луѓето на кои им е потребна бидејќи со тоа што не јадеме или пиеме најдобро разбираме што значи да се биде мразен и да се биде сиромашен. Преку оваа порака се создаваат мостови помеѓу богатите и сиромашните, а во срцата на луѓето буди љубов и сочувство“, истакна Фетаху.
Тој рече дека пораката за зближување, исто така, е порака што ни ја пренесува овој благословен месец.
Според него, динамиката на модерното време, како и различните човечки потреби предизвикаа луѓето да се оддалечат едни од други, да се оддалечат дури и најблиските членови на семејството, додека, рече тој, преку семејните ифтари и суфири, Рамазан го обновува семејното единство, вертикално и хоризонтално.
„Друга многу важна порака што ни ја пренесува овој благословен месец е подигнувањето на моралот во општеството бидејќи Рамазан го подобрува однесувањето на тој што пости со тоа што го отстранува од лошите дела бидејќи постот не е диета или едноставно воздржување од храна, пијалак и страст, иако овие елементи го сочинуваат правниот аспект на валидноста на постот, но суштинска цел на постот е да ги подигне моралот и набожноста на човекот“, рече тој.
Фетаху истакна дека Рамазан во општеството ја пренесува пораката за учење, школување и образование бидејќи во овој месец се објави величествениот Куран.
Во овој аспект, според него, Рамазан со право може да се смета за месец на науката, образованието, книгата, моливот, писмата и пишувањето.
Тој истакна дека правилното и суштинско разбирање на овој карактер на Рамазан носи придобивки не само за нас туку и за целото човештво бидејќи научните достигнувања не се монопол на одредени народи, туку се општи вредности од кои имаат корист сите луѓе.
„Дозволете ми на крајот во името на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија, нејзините органи и образовни и едукативни институции, како и од мое лично име, вам и на нашите сонародници што живеат и дејствуваат во западните земји, ви посакувам лесен пост. Нека преовладува мир насекаде во светот, љубов еден кон друг, кон нашите семејства, кон пријателите, кон соседите, но и почит и толеранција кон нашите сограѓани без оглед на етничката и верската припадност“, додаде Фетаху.