Dejan Maksimoviç
23 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
САРАЕВО (АА) - Денес во Сараево се одржа вонредна седница на претседателството на БиХ, на која се расправаше за тоа дали ќе биде започната ревизија на пресудата по тужбата против Србија за геноцид, јавува Anadolu Agency (AA).
Вонредната седница којашто беше свикана од претседавачот Младен Иваниќ, беше прекината бидејќи во даден момент седницата ја напушти Бакир Изетбеговиќ, кој не сакаше да се изјасни по барањето за поведување ревизорска пресуда на БиХ против Србија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за подоцна истото да го направи и хрватскиот член, Драган Човиќ.
На конференцијата за новинарите свикана по седницата, Иваниќ изјави дека во целата приказна околу ревизијата тој не ја брани Србија, туку начинот на одлучување од страна на институциите на БиХ.
„Тргнувајќи од политичките импликации што ги има ревизијата, сметав дека Претседателството има обврска да се изјасни по тоа прашање. Затоа закажав вонредна седница, која беше прекината поради заминувањето на Изетбеговиќ и Човиќ. Тоа значи дека седницата беше прекината и дека не беше донесена одлука за подигање на ревизијата. Искрено, мислам дека ова беше еден од последните обиди функционирањето на БиХ да се врати во институциите на системот, што беше моја желба“, рече Иваниќ.
Тој истакна дека не знае дали досега се има случено прекин на седницата на Претседателството и дека последиците се многу сериозни, бидејќи се работи за најсериозен државен орган.
„Без оглед на состанокот што го свикав, јасно е дека одлуката за барање за ревизија на пресудата беше донесена и дека каков било исход на седницата немаше да ја промени. За мене ова е знак дека ова беше надвор од институциите. Очекувам српските претставници во владата да не го сторат она што го стори Изетбеговиќ. Блокадата не е од нас, туку таа дојде од таа страна“, рече Иваниќ.
Споед неговите зборови, дневниот ред поради кој ја свикал вонредната седница носел одреден ризик, бидејќи не можел да биде прегласан.
„Сметав дека е потребно работите да се вратат во институциите на системот. И дека Сакиб Софтиќ (агент на БиХ во Меѓународниот суд за правда) има легитимитет да покренува тужба, не може еден човек сам без став на органите да одлучува за работите кои имаат длабоки импликации во внатрешните односи во БиХ, но и односите помеѓу државите. Со ова влеговме во сериозна криза и достигнавме врв во вонинституционално делување. Ова нема врска со тужбата и немаше директни импликации на самата тужба, туку на делувањето на институциите на БиХ. Уверен сум дека таа не беше легитимна и таа не ме интересира, туку начинот на одлучување во рамките на БиХ, паралелизми и индивидуално делување", рече Иваниќ.
Босна и Херцеговина во 1993 година поднесе тужба против Сојузна Република Југославија (Србија и Црна Гора) пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Таа беше усвоена во 1996 година, и тоа по една точка што се однесува на кршење на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, која е усвоена од страна на Генералното собрание на ОН на 9. декември во 1948 година.
Пресудата беше донесена на 26. февруари 2007 година и претставува значаен меѓународен правен судски акт, затоа што највисокиот суд на ОН го дефинираше масакрот на Бошњаците во Сребреница како геноцид.
Сепак, не ја смета Србија за одговорна за геноцидот и го отфрли барањето за исплата на финансиска отштета, но ја смета за одговорна што не успеала да го спречи злочинот и да ги казни сторителите.
Крајниот рок за поднесување на барањето за започнување ревизија на пресудата по тужбата на БиХ против Србија е на 26. февруари оваа година.