Alma Çekovic
23 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
САРАЕВО (AA) - Лидерот на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев денеска потврди дека е постигнат договор со албанските партии за клучните прашања и дека новата македонска влада ќе биде формирана најдоцна до 15. март.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денес престојува во работна посета на главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, каде што за Anadolu Agency (AA) потврди дека со албанските партии се решени главните отворени прашања и дека сега следи вообичаена процедура околу формирањето влада.
„Следуваат уште неколку чекори до формирање влада, но главните отворени прашања ги решивме, а тоа се: владината програма, нашата платформа, нивната платформа, Законот за употреба на јазиците и други прашања. Секако, постои процесура за собирање потписи и добивање мандат од претседателот Иванов. Се надевам дека потоа ќе биде потребно 10-15 дена за да се формира владата на Македонија“, рече Заев.
Тој се надева дека доколку сѐ се одвива според плановите, до крајот на оваа или на почетокот од наредната недела од претседателот Ѓорѓе Иванов ќе добие мандат за формирање влада.
„Нашиот Централен одбор треба да донесе одлука за мандатар, иако се знае дека тоа е претседателот на партијата, потребно е да се соберат потписи од три албански партии. Затоа, очекувам до крајот на оваа или на почетокот од наредната недела да се заврши доделувањето на мандатите. Тоа значи дека најдоцна до 15. март би можеле да имаме нова влада. Се надевам дека ќе го забрзаме процесот за комплетно конституирање на Парламентот, избор на претседателот на Парламентот и ќе ги скратиме процесите околу формирање Влада“, изјави Заев.
Заев потврди дека со претставниците на албанските парии ги усогласил ставовите околу албанскиот јазик и дека се надминати одредени разлики.
„Ние веќе го одобривме тој текст и тој помина кај ДУИ, најголемата албанска партија. Тоа мораме да го потврдиме и со другите албански партии, но секако и со нашите коалициски партии. Сѐ е заокружено, сѐ е во рамките на нашиот Устав“, рече Заев.
Говорејќи за односите во регионот, Заев оцени дека е потребно дополнително да се унапреди соработката, и покрај сите политички разлики, бидејќи е тоа она што го сакаат граѓаните.
„Јас се надевам дека овој мултиетнички концепт, кој како левичарска партија го развивме во Македонија ќе биде позитивна порака во регионот дека мораме да соработуваме, и покрај сите политички разлики што постојат на овие простори, затоа што и Европа ќе нѐ прими доколку ја унапредиме нашата соработка. Само со унапредување на соработката ќе биде можно да се забрза полноправното членство во ЕУ на сите земји од регионот“, порача Заев.
На прашањето дали доколку биде премиер на Македонија, ќе преземе чекори против структурите поврзани со терористичката организација ФЕТО, Заев изјави дека Турција е еден од најголемите пријатели на Македонија и дека неговата земја, заедно со останатите светски сили, ќе остане вклучена во борбата против тероризмот.
„Ние континуирано ќе даваме поддршка во борбата против тероризмот, каде и да се случува или каде и да ги негува своите корени. Тоа е ѓаволска работа што се случува во 21. век и ние мораме сите сили да ги здружиме за да се запре ова“, рече Заев.