Admir Fazlagic
01 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, одржа средба со вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштува владината прес-служба, на средбата во кабинетот на премиерот Заев, се разговарало за политичките процеси во земјава како и подготовките за реализирање на претстојниот Референдум закажан за 30 септември.
„Заеднички беше оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја имаат можноста слободно да се изјаснат. На средбата беше истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е позитивен пример за целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања, гарантирање на стабилност, подобрување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка", се вели во соопштението на Владата на Република Македонија.
Се додава дека премиерот Заев изразил благодарност за силната поддршка од страна на САД за време на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел кога Македонија ја доби поканата за започнување на преговорите за членство во НАТО.
„Стејт Департментот повеќе пати јасно има изразено силна поддршка кон интеграцијата на Република Македонија во НАТО и во ЕУ и останува доследен на своите принципи на поддршка. Двете страни се согласија дека во иднина ќе продолжи и ќе зајакне стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД", се додава во соопштението.
Претходно денеска американскиот дипломат Палмер се состана со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.