Seyyid Emin
01 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
СТРУМИЦА (АА) - Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско" којшто се наоѓа во Струмица денес доби донација од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Се работи за возило кое ќе служи за полесен транспорт на лицата кои што се сместени во овој завод, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата која се одржа во „Бања Банско" присуствуваа министерoт за здравство на Македонија Венкo Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден.
Министерот Филипче во изјава за медиумите истакна дека денес присуствуваат на еден убав настан, донација на возило од ТИКА за „Бања Банско" и дека со ова значајно ќе се олесни пристапот кон здравствените услуги на корисниците кои живеат тука и процесот на социјализација.

„Голема искрена благодарност до ТИКА, со искрена верба дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму, како во делот на здравството така и во нашите проекти коишто означуваат мултисекторски пристап“, рече Филипче.
Министерката Царовска изрази задоволство што денеска во Бања Банско од страна на ТИКА се донира возило кое што е оспособено за полесен транспорт на лицата кои што се сместени во овој завод.
Според неа, како Влада и како министерство водат еден процес на трансформација на големите институции коишто не ги исполнуваат потребите на овие лица, но важно е дека паралелно работат и на унапредување на квалитетот на услугите што се нудат тука.
„Сметам дека ова комбе навистина ќе ја зголеми можноста за социјализација на овие лица, движење нивно во локалната околина и во локалните градови коишто се наоѓаат околу Бања Банско, исто така и за транспорт, како што веќе најавија дека ќе одат на одмор на крајот на август. Така да ова комбе ќе ни послужи и за транспорт до нивниот летен одмор“, додаде Царовска, упатувајќи благодарноср до Министерот Филипче за неговата заложба, но и до ТИКА којашто целосно ги покрие средствата за донација на ова возило.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден, нагласи дека во својата посета заедно со минситерот Филипче тука, добиле барање за донација на возило за овој завод.
Тој нагласи дека добиле одобрение од ТИКА во оваа насока и од Турција донеле возило наменет за овој завод. „Присутните тука, без да имаат потреба од помош, со нивните колички ќе можат да се качуваат во ова возило, било за нивниот транспорт до здравствените центри за лекување, било за учествување на други социјални активности“, додаде Ајден.