Fatjon Cuka
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
ТИРАНА (АА) - Во Албанија заврши процесот на броење на гласовите низ земјата за локалните избори, што се одржаа на 30 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Социјалистичката партија на Албанија (ПС) води во резултатите за градоначлници на општини и во резултатите за членови на општински совети во земјата, додека официјалната листа на победниците се очекува да биде објавена наредните денови од страна на Централната изборна комисија на оваа земја.
Во изјава за медиумите, портпаролката на Централната изборна комисија, Дрилона Хоџај, истакна дека според прелиминарните податоци во електронскиот систем на Централната изборна комисија, на локалните избори учествувале 812.249 гласачи, односно 22,97 отсто од вкупниот број на гласачи, кој изнесува 3.536.016 лица.
По завршувањето на процесот на броење и одобрувањето на резултатите од страна на комисиите за изборни административни зони, започна предавање на гласачките кутии и кутиите со изборни материјали на Централната изборна комисија.
Хоџај нагласи дека официјалните конечни резултати ќе бидат објавени по завршување на рокот за жалби во Централната изборна комисија или можните жалби до Изборниот колегиум.
Изборите се одржаа според првиот декрет на претседателот на земјата, Илир Мета, кој беше укинат на 10 јуни. Новиот декрет, со кој како датум за одржување на изборите беше одреден 13 октомври, не беше поддржан од премиерот Еди Рама.
На изборите учествуваше владејачката Социјалистичка партија на Албанија (ПС), предводена од премиерот Еди Рама, која ја води коалицијата наречена Алијанса за европска Албанија, заедно со некои нејзини сојузнички партии.
Од друга страна, главните опозициски партии, Демократската партија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), ги бојкотираа локалните избори, а дел од изборниот процес беа и неколку други опозициски парламентарни и вонпарламентарни партии.
По овие настани, претседателот на државата, Мета, предложи 13 октомври 2019 година да биде датум не само за локални избори, туку и за претседателски и парламентарни избори.