Bojana Stojanovic
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека смета оти српските власти го имаат името на убиецот на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние работиме многу сериозно, сметаме дека го имаме името на убиецот, а Албанците го немаат“, рече Вучиќ на прес-конференцијата во Белград.
Тој, исто така, наведе дека Милан Радојичиќ „со сигурност не учествувал во ликвидацијата на Оливер Ивановиќ.“
„Ние имаме целосно составена приказна за тоа кој е убиецот и со кои мотиви го сторил тоа“, рече Вучиќ, додавајќи дека поради различни нешта, недостаток на ДНК-анализи и снимки, српските државни органи не можат да поседуваат материјални докази, но ќе продолжат да работат на тоа.
Вучиќ ја запраша и меѓународната заедница зошто најважната снимка, која го забележа кривичното дело, не е доставена на Србија, под изговор дека „надзорот во тоа време не работел“.
Говорејќи за ситуацијата во Косово, настаната по воведувањето на таксите за стока од Србија, Вучиќ рече дека таа е комплексна, и изрази „восхит кон српскиот народ во Косово.“
„Српската држава ќе биде со нив и нема да дозволиме да бидат гладни. Наше е да ја повикаме Приштина да се однесува цивилизирано и да му дозволи на нашиот народ да има избор, а на нашиот народ му честитам бидејќи луѓето покажаа српска храброст и како се чува слободата на мирен начин, со Гандиеви методи“, додаде Вучиќ.
Српскиот претседател истакна и дека акцијата за воведување такси за стоката од Србија и, како што рече, спречувањето на испораката на стоки до српското население, Приштина ја започнала со клучна цел заземање на северот и протерување на Србите од остатокот на Косово, и дека дел од меѓународната заедница учествува во тоа или „молкум поминува преку тоа“.
„Некои го прават тоа затоа што се надеваат и веруваат дека е можно на таков начин Албанците да го решат и да го завршат проблемот со Србите и Србија, и да ги ослободат од главоболките во иднина. И некои затоа што од почетокот се во тој сос. Тие таа каша ја зготвија и сега не можат да излезат од тоа. А гледаат дека нивното чедо веќе не ги слуша како порано“, рече српскиот претседател.
Вучиќ рече и дека воведувањето на такси од 100 отсто всушност значи и забрана на трговијата, и дека Албанците во меѓувреме заплениле 16 камиони со стока и ги привеле возачите кои се обидувале да ја испорачаат стоката по алтернативни патишта до северниот дел на Косово.