Abdula Berisha
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека како идна земја членка на НАТО, Северна Македонија има за цел да стане достоинствена членка на Североатлантската алијанса, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев учествуваше на настанот на тема „Дигитализација на системот за менаџирање на кризи“, чија имплементација се финансира од страна на НАТО. На овој настан беше присутен и помошникот на генералниот секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици, Антонио Мисироли, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, како и други бројни претставници на институциите на двете страни.
Заев потсети дека пред еден месец во Скопје престојуваше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, нагласувајќи дека Северна Македонија е подготвена да ги спроведе сите потребни реформи и модернизации за членство во НАТО.
„Ние како следна 30-земја членка на Алијансата сме сериозни во намерите да бидеме достоинствена членка, со тоа што со ваша помош и поддршка одговорно се постауваме во чекори и со новите и најсовремените безбедносни системи“, рече Заев, изразувајќи уверување дека процесот за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО ќе заврши оваа година.
Помошникот на генералниот секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици, Мисироли, нагласи дека потпишувањето на Протоколот за членство во февруари беше историски настан, поздравувајќи ги чекорите преземени од страна на Северна Македонија кон полноправно членство во НАТО.
„Ние сите чекаме да ви кажеме добре дојде како 30-та членка на нашата Алијанса", додаде Мисироли истакнувајќи дека се надева тоа да се случи на Самитот на НАТО во Лондон на почетокот на декември, по повод 70.годишнина на Алијансата.
Мисироли ја изрази потполната поддршка на НАТО за Северна Македонија во спроведувањето на реформите, упатувајќи апел земјата што повеќе да ги искористи програмите на НАТО, кои ги поддржуваат напорите за реформи.
За време на презентацијата беше истакнато дека Дигитализацијата на системот за менаџирање на кризи преку спроведување на NICS - Next Generation Incident Command System, овозможува полесна комуникација на различните институции за време на природни катастрофи, а е дел од програмата на НАТО наречена Програма за наука за мир и безбедност.