Dzihat Aliju,Fatjon Cuka
11 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
СКОПЈЕ / ТИРАНА - Во соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Турската радио телевизија (ТРТ), во Северна Македонија и Албанија се организираше церемонија за доделување сертификати на учесниците на „Програмата за обука за основно ниво на новото медиумско новинарство“, известува Агенција Анадолија (АА).
Халим Омер Согут, координаторот на ТИКА Скопје, во својот говор на затворањето на програмата што се одвиваше во Скопје, рече дека едукацијата претставува активност со високо ниво на комуникација и интеракција.
Потсетувајќи дека слична обука се одржа и во Албанија, Согут рече дека ТИКА и ТРТ му придаваат големо значење на организирањето на овој вид обуки и во другите балкански земји.
„Очекуваме и планираме напредна верзија на оваа основна обука да се одржи во Турција во наредните месеци“, рече Согут и истакна дека ТИКА од 2005 година досега спровеле над 1.100 проекти, од кои најзначајните се на полето на образованието и размената на искуствата.
Претставникот на ТРТ Скопје, Омер Рахми Серим истакна дека ТРТ, која во својот состав има голем број телевизиски и радио канали, во последните години е една од водечките медиумски компании кои инвестираат во дигитални медиуми, следејќи го развојот на технологијата.
Велејќи „Ќе исчезнете доколку не останете во чекор со светот што се менува и трансформира“, Серим истакна „Ако сакаме да останеме во чекор со овој свет кој се менува и трансформира како медиумска индустрија, мораме да ги следиме сите иновации. Ова следење се одвива и со следење на животот и со следење на технологијата, акумулирајќи знаење и искуство, како учење од некого во рамките на односот мајстор-чирак. Со години велиме дека ТРТ е еден вид училиште“.
- Програмата за обука во Албанија
Турскиот амбасадор во Тирана, Мурат Ахмет Јорук говорејќи на програмата за обука во Тирана, главниот град на Албанија, посака информациите добиени на програмата за обука да им бидат од корист на учесниците во нивната понатамошна работа.
Зборувајќи за проектите на ТИКА во земјата, Јорук рече дека ТИКА е организација која работи во широк опсег ширум светот и спроведува многу сериозни проекти за развој на социјалните и економски инфраструктури на земјите во кои делуваат.
Потсетувајќи дека ТИКА работи во Албанија од 90-тите, амбасадорот Јорук рече: „До денес, ТИКА има спроведено околу 600 проекти низ Албанија. Како последно, го извршивме проектот за реставрација на историската Етем-бегова џамија, која е наше заедничка историско и културно наследство. Ова историско и културно наследство, кое е бисер на Тирана, го пуштивме во употреба за граѓаните на Албанија при посетата на нашиот претседател на оваа земја.“
Претставничката на ТИКА, Бушра Багдат, истакна дека реализирале многу интензивна и убава програма за обука во текот на една недела со учество на новинари од Албанија и Косово.
На завршната програма во Албанија, покрај амбасадорот Јорук, присуствуваа и генералниот директор на Албанската телеграфска агенција (АТА), Валбона Жупа, координаторот на ТИКА во Тирана, Емине Гизем, директорот на институтот „Јунус Емре“ Омер Осман Демирбаш и други гости.
По завршувањето на обраќањата на новинарите кои учествуваа во програмата за обука им беа доделени сертификати.
На програмата за обука што се одржа од 7 до 11 март учествуваа околу 30 новинари од Северна Македонија и 22 новинари од Албанија и Косово.