Admir Fazlagikj
17 Јули 2020•Ажурирај: 18 Јули 2020
СКОПЈЕ
Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, одржани на 15 јули, генерално се спроведоа добро и со извесни приспособувања поради пандемијата, а кампањата беше навистина натпреварувачка, но правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на правната рамка и последователните владини уредби, се наведува во заедничката изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Според првичните наоди и заклучоци на меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), изборите генерално се спроведоа добро и со извесни приспособувања поради пандемијата, а кампањата беше навистина натпреварувачка, но правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на правната рамка и последователните владини уредби“, се вели во изјавата.
Се додава дека откако ОБСЕ/ОДИХР ќе ги издаде своите препораки за идните избори, Европската Унија очекува сите политички чинители, релевантни институции и засегнати страни да продолжат да работат заедно за да ги спроведат навремено тие препораки пред следните избори.
„Со нетрпение очекуваме да работиме со силен парламент и стабилна владина коалиција кои треба да испорачаат резултати во однос на стратешката цел на земјата за интеграција во ЕУ и да одговорат на очекувањата на граѓаните. Посветени сме да продолжиме заеднички да одговараме на пандемијата со Ковид-19 и на последиците од неа“, пишува во заедничката изјава.
„Очекуваме властите да продолжат да ги исполнуваат обврските на земјата кон ЕУ, да го одржат и забрзаат спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и дополнително да ги зајакнат добрососедските односи“, се истакнува во изјавата, и се додава:
„Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и со нетрпение очекува што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција.“
Државната изборна комисија вчера ги соопшти резултатите од гласањето за предвремените парлментарни избори кои се одржаа на 15 јули 2020 година врз основа на податоци од записниците на општинските изборни комисии.
Коалцијата „Можеме“ предводена од СДСМ, освои 327.329 гласа (46 мандати), Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и други освои 315.344 гласа (44 мандати), Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 104.587 гласа (15 мандати), Алијанса за Албанците и Алтернатива освоија 81.297 гласа (12 мандати), Левица - 37,551 глас (2 мандати), Демократска партија на Албанците (ДПА) - 13.891 глас (1 мандат), а другите партии и изборни листи не успеаја да освојат ниту еден пратенички мандат.
На изборите за 120 места во Собранието на Република Северна Македонија учествуваа 15 коалиции и политички партии со повеќе од 1.500 кандидати.