Ekipa
04 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Со учество на околу 12.500 натпреварувачи од 58 земји денеска во Скопје се одржа 15. издание на „Wizz Air - Скопски маратон“, јавува Anadolu Agency (AA).
Победник на овогодишниот Скопски маратон е Чалаче Тируне од Етиопија, кој маратонската патека долга 42,19 километри ја истрча за време од 02:15:37 секунди. Втор трката ја заврши Кениецот Вилфред Корир (02:16:54), а трет на целта стигна Гетаје Гелав (02:19:32) од Етиопија.
Во женска конкуренција во истата категорија (Маратон) најбрза беше Јунис Мучири од Кенија, која ја мина патеката за време од 02:33:38 секунди. По неа целта ја минаа Јулитер Тануи и Наоми Лумамуре, исто така од Кенија.
Во полумаратонската трка (на 21,097 километри) на Скопскиот маратон првото место го освои Дарио Ивановски од Северна Македонија, со време од 01:12:31, а во женска конкуренција прва на целта стигна Унгарката Зита Касер, со време од 01:22:53.
Претходно, во најкратката трка на 5 километри првото место од натпреварувачите го освои Леонид Вандевски (Северна Македонија), кој патеката ја мина за 17 минути и 52 секунди, додека кај дамите прва до целта стигна Марија Стојановска (Северна Македонија) за 20 минути и 49 секунди.
Организаторите на Скопскиот маратон соопштија дека оваа година фондот на наградите изнесува 18.000 евра, а најдобрите во маратонот ќе можат да добијат најмногу 5.000 евра.
„Wizz Air - Скопски маратон“ се организира од страна на Сојузот на спортови на Скопје во соработка со Град Скопје, Атлетската федерација на Македонија и Министерството за внатрешни работи.