Furkan Abdula
04 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Папата Франциск упати порака до граѓаните на Северна Македонија по повод неговата официјална посета на земјата која ќе се реализира на 7 мај оваа година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Владата на Република Северна Македонија, папата Франциск во својата порака ги изразува радоста и пријателството што ги чувствува кон народот на оваа земја, како и кон црквата во државата.
„Откако вашата земја стана независна, Светиот престол сакаше со вас да воспостави пријателски и дипломатски односи. Денес, повеќе од кога било, има потреба и во Европа, и во целиот свет, да се развива култура на излегување во пресрет, култура на братство, и јас ќе дојдам меѓу вас, да го посеам ова семе. Сигурен сум дека вашата земја е добра, дека ќе го прими ова семе и ќе добие плодови“, се наведува во пораката на Папата.
Папата Франциск истакна дека посебната убавина на оваа земја се должи на различните култури, етникуми и религии што живеат во неа. Според него, соживотот не е секогаш лесен, но потенцира дека вреди да се вложи напор, бидејќи најубавите мозаици се оние што имаат многу бои.
Во пораката, меѓу останатото, папата наведува дека неговата посета на Северна Македонија ја посветува на Мајка Тереза која, како што истакнува, е родена и израсната во Скопје.
„Драги пријатели, да ја подготвиме нашата средба со молитва дека ќе биде исполнета со мир и секое добро за целиот ваш народ“, се вели во пораката на папата.
Папата Франциск на 7 мај ќе престојува официјална посета на Северна Македонија каде што ќе се сретне со државниот врв, дипломатскиот кор, граѓанското општество, лидерите на верските заедници, како и со сиромашните и младите. Тој, исто така ќе одржи литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје.