Husamedin Gina
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателката на Сенатот на Република Франција и член на Комисијата за надворешни работи во францускиот Сенат, Елен Конве-Муре, денеска го посети Собранието на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Елен Конве-Муре имаше средба со претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија, Хари Локвенец, и со членовите на Комисијата.
По средбата, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, даде изјава за медиумите.
Истакнувајќи дека на средбата се разговарало за актуелните теми, Локвенец истакна дека иако посетата била договарана подолг период наназад, се случува во еден многу исклучително важен период за државата, посебно поврзан со Република Франција.
„Краток сублимат на целиот состанок во кратки црти - алтернатива на македонскиот европски пат, нема. Ни во формата, ни во суштината, поврзан со некои други светски меѓународни организации. Значи, единственото решение е полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, кое според мене, е најважниот заклучок и она кое може да го пренесам и до сите вас, меѓутоа и до нашите граѓани“, нагласи Локвенец.
Во текот на посетата, потпретседателката на францускиот Сенат, Елен Конве-Муре, ќе оствари средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со потпретседателот Горан Мисовски, со претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски, и со претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби.