СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ - Турскиот режисер Семих Капланоглу истакна дека турската историја не може да се замисли без Балканот.
Капланоглу престојува во Скопје за премиерата на тускиот филм „Пченица“ (Buğday), која со поддршка на турскиот Институт „Јунус Емре“ во Скопје беше организирана во рамките на 16. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“ , во разговор со Anadolu Agency (AA) нагласи дека претходно, заедно со продуцентката од Босна и Херцеговина, Аида Бегиќ, биле продуценти на филмот „Деца“ (Çocuklar) во Турција, каде што заедно со ТРТ дале поддршка во реализирањето на овој филм.
Истакнувајќи дека Скопје, Призрен, Приштина, Сараево, како и Балканот во целина секогаш го привлекувале неговото внимание, Капланоглу пренесе дека дел од неговото семејство потекнува од Охрид, и оти турската историја не може да се замисли без Балканот.
„Всушност, целиот Балкан е доказ дека нашата жива култура продолжува и тука и во Турција. Истовремено, во Турција постојат голем број лица со потекло од Балканот, има млади, има студенти, исто така тука има Турци. Затоа, потребно е овие врски да се откријат и да се прикажат преку филмови, книги, романи и историја. Тука има и една традиција на мудрост, тука живееле мудри лица, од тука отишле во Турција, од Турција дошле тука. Постои големо духовно наследство. Ова наследство треба да се цени, тие мостови треба поцврсто да се поврзат“, рече Капланоглу.
- „Толеранцијата од османлискиот период треба повторно да се заживее“ -
Капланоглу вели дека секоја земја, секој јазик и секое културно богатство има една уникатна текстура, мирис и боја. Турскиот режисер истакна дека смета оти тие треба да се зачуваат, дека секој треба да може да се изјасни во мир, и дека треба се почитува секое мислење и верување.
Истакнувајќи дека болната историја на Балканот датира од неодамнешното минато и оти сите присутни култури треба да бидат претставени за да не се повтори тоа, Капланоглу рече дека отоманската толеранција треба да се ревитализира.
„Поради оваа причина, јас сум под влијание на високото знаење, мислењето што ја осветли оваа цивилизација, мислата што го градеше ова место и ветерот на душата на овој регион, тоа значи да го негуваме тоа богатство. Затоа, во тој аспект, во филмовите зборувам поопсежно, не само локално, не само автентично. Затоа се инспирирам од ова место или друго место, но од истата линија, и се обидувам тоа да го додадам во моите филмови“, рече Капланоглу, истакнувајќи дека е инспириран од мудреците кои живееле на Балканот, Анадолија и во Средна Азија.
- „Во Турција постојат многу вредни режисери“ -
Капланоглу се осврна на работите на Институтот „Јунус Емре“ во промовирањето на турската култура. „Мислам дека ќе се реализираат нови програми, така слушнав. Мислам дека во областа на кинематографијата и литературата ќе има поголем интерес за просторите каде се живее. Исто така, мислам дека младите кинематографи во однос со Институтот 'Јунус Емре' ќе се охрабрат да направат филмови, краткометражни филмови, да создаваат проекти. Мислам дека ова е многу потребно. Затоа 'Јунус Емре' врши многу голема услуга за Турција, за турскиот јазик и култура, како и за луѓето каде што се наоѓа“, нагласи турскиот режисер.
Капланоглу истакна дека турските сериски филмови се на второ место во секторот за сериски филмови во светот. „Исто така, имаме многу вредни режисери, ако ќе ги спомнеме имињата од мојата генерација, Зеки Демиркубуз, Нури Билге Џејлан, Дервиш Заим, како и нови, млади. Ние ја претставуваме турската кинематографија на различни фестивали во светот, на кои настапуваме на премиери. Нашите филмови претежно се прифатени. Добиваме награди на фестивалите, во последните 10 години има многу развој. Истовремено, турското Министерство за култура дава интензивна поддршка за турските филмови, исто така и ТРТ. Затоа мислам дека ќе има многу добра иднина. Доволно е само да се работи интензивно и да создаваме“, пренесе режисерот Капланоглу.
Филмот „Пченица“, каде што во главната улога се Жан-Марк Бар, Ермин Браво, Григори Добригин и Кристина Флутур, а сценарист и режисер беше самиот Капланоглу, на 24 ноември ќе започне да се прикажува во Турција.
news_share_descriptionsubscription_contact
