Ahmet Esad Şani
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Оваа година Anadolu Agency (AA) по петти пат го организира „Istanbul Photo Awards 2019“, меѓународниот натпревар во фотографии, а организаторите соопштија дека веќе се познати и членовите на жирито за овогодишниот натпревар.
Во жирито ќе се најдат Мерион Мертенс, уредничката за дигитални медиуми на неделникот„Париз мач“ (Paris Match), Јури Козјрев, фоторепортер и член на агенцијата NOOR, Џорџес де Керл фоторепортер и советник за визуелни медиуми, Мишел Ското, директор за дистрибуција на фотографии и деловен развој во агенцијата AFP, Дебора Копакен, фоторепортерка и писателка, Ахмет Сел, главен уредник на визуелните вести на АА и Фират Јурдакул, уредник на фотосервисот на АА.
Дебора Копакен, која работеше како фоторепортерка во Авганистан, Израел, Романија, Зимбабве и Русија, оваа година ќе биде дел од жирито на меѓународниот натпревар во фотографии.
Инаку, Копакен е добитничка на наградата „Еми“ (Emmy), а нејзините фотографии се објавувани во познатите светски медиуми, како што се „Њујорк тајмс“ (New York Times), „Фајненшнл тајмс“ (Financial Times), „Експрес“ (L'Express), „Либерасион“ (Libération), „Гео“ (Géo) и „Стерн“ (Stern).
Членовите на жирито во април ќе се соберат во Турција за да ги изберат победничките фотографии.
Пријавите за „Istanbul Photo Awards 2019“, кои започнаа на 1 ноември минатата година, и понатаму се во тек. Пријавувањето за натпреварот може да се изврши преку страницата http://istanbulphotoawards.com, сѐ до 31 јануари 2019 година.
Фокусот на натпреварот е на категориите „вести“ и „спорт“, а пријавите ќе се примаат за категориите „поединечни вести“, „сериски вести“, „поединечен спорт“ и „тимски спортови“.
Репортерот, чија фотографија ќе биде прогласена за фотографија на годината, ќе добие награда од 8.000 долари. Победниците во останатите категории ќе добијат по 5.000, второпласираните по 3.000 и третопласираните по 1.500 долари.
„Istanbul Photo Awards“ е престижно меѓународно натпреварување кое го организира AA, а главни спонзори се Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), Градот Истанбул и „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).
Веќе четири години голем интерес за овој натпревар покажуваат професионални фоторепортери и фотографи од целиот свет.
На „Istanbul Photo Awards“ во 2018 година се натпреваруваа околу 37.000 фотографии од 125 држави, а награди добија 27 фоторепортери од 22 земји.