Muhammed Emin Canik
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, во врска со одлуката на Соединетите Американски Државии (САД) за воведување санкции кон државните нафтени компании PDVSA и „Citgo“, ја даде следната изјава „Со оваа одлука за санкции, тие сакаат да ја украдат нафтената компанија „Citgo“ од жителите на Венецуела. Очигледно е дека целта на САД е да стават рака врз богатствата на Венецуела. Со цел да се заштитат интересите на Венецуела, на САД ќе им го дадеме потребниот правен одговор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Венецуела, Мадуро, кој минатата недела ги прекина сите дипломатски односи со САД, во претседателската палата „Мирафлорес“ во главниот град Каракас, ги прими дипломатите коишто се вратија во земјата.
Претседателот Мадуро, во врска со одлуката на САД за воведување санкции кон нафтените компании PDVSA и „Citgo“, изјави „Со оваа одлука за санкции, тие сакаат да ја украдат нафтената компанија „Citgo“ од жителите на Венецуела. На раководителите на PDVSA и „Citgo“ им издадов наредба да ги започнат потребните правни процедури. Очигледно е дека целта на САД е да стават рака врз богатствата на Венецуела. Со цел да се заштитат интересите на Венецуела, на САД ќе им го дадеме потребниот правен одговор.“
Мадуро истакна дека одлуките за санкции биле донесени на барање на претседателот на венецуелскиот Парламент, Хуан Гваидо, кој минатата недела се прогласи за „привремен претседател“.
Мадуро во својата изјава истакнува дека на венецуелските дипломати им биле понудени пари за да ја сменат страната, но дека дипломатите тоа не го прифатиле.
- „Сега е време за храброст, да му се каже ’НЕ‘ на пучот“ -
Мадуро го повтори повикот за дијалог со опозицијата, велејќи „Знам дека лидерите на повеќе опозициски партии во земјата се против екстремизмот што се случува во Венецуела, но доколку продолжите да молчите, тогаш и вие ќе бидете одговорни за случувањата во земјата. Сега е време за храброст, да му се каже ’НЕ‘ на пучот, време е да се седне на маса за дијалог.“
Истакнувајќи дека Венецуела се соочува со една историска борба, Мадуро продолжи со зборовите: „Живееме историски денови, се соочуваме со една историска војна. Времето на државни удари и интервенционизам останаа во 20 век. Венецуела нема да се врати во 20 век. Венецуела ќе продолжи да напредува, следејќи го патот на демократијата и слободата.“
- Случувањата во Венецуела -
Поддржувачите на опозицијата и власта, на 23 јануари (среда), одржаа митинзи, кои во земјата и регионот предизвикаа исклучително важен развој во однос на земјата и регионот.
Гваидо, претседателот на венецуелскиот национален Парламент во кој опозицијата претставува мнозинство, на митингот што го организираше опозицијата се прогласи себеси за привремен претседател на државата, по што земјите како што се Австралија, Канада, Колумбија, Перу, Еквадор, Парагвај, Бразил, Чиле, Панама, Аргентина, Костарика и Гватемала го признаа неговото самопрогласување.
Од друга страна, Мексико, Турција, Русија, Куба, Кина и Боливија ја потврдија поддршката кон Владата на претседателот Мадуро. По овој развој на настаните, Мадуро соопшти дека ги прекинува дипломатските и политичките односи со САД. Мадуро потоа даде друга изјава во која истакна дека се завршени дипломатските односи меѓу двете земји, но дека ќе продолжат трговските односи.