Lokman İlhan
29 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
КАРАКАС (АА) - Лидерот на опозицијата кој се прогласи за привремен претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, му се заблагодари на Израел и на премиерот Бенјамин Нетанјаху за поддршката, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на венецуелскиот Парламент, Гваидо, на социјалните мрежи им се заблагодари на САД и на другите земји кои го поддржаа во непризнавањето на легитимитетот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Паралелно со тоа, Гваидо посебно писмо со благодарност му упати на израелскиот премиер Нетанјаху кој застана на страната на опозицијата во Венецуела.
Истакнувајќи дека сака што поскоро да ги обнови билатералните односи помеѓу Венецуела и Израел, Гваидо потсети дека тие односи ги прекинал поранешниот венецуелски претседател Хуго Чавез.
„Очекуваме соработката на нашите земји да ја обновиме во духот на мирот, пријателството и братските чувства на нашите народи“, порача Гваидо, и додаде дека очекува координирано дејствување на двете земји, со цел остварување на меѓусебните интереси.
Венецуела е средиште на масовни протести кои ги предводи опозицијата која има мнозинство во Парламентот.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржа венецуелската опозиција и нејзиниот лидер Хуан Гваидо кој на 23 јануари се прогласи за привремен шеф на државата.
Покрај САД, преземањето на власта во Венецуела од страна на опозицијата го поддржаа Израел, Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај.
Од друга страна, Турција, Иран, Русија, Кина, Боливија, Мексико, Куба и уште некои земји и понатаму го признаваат легитимитетот и ја поддржуваат власта на Мадуро.