Gökhan Ergöçün
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
ТРАБЗОН (АА) - Турција ќе забележи едноцифрена стапка на инфлација до месец септември, благодарение на структурните мерки на властите, истакна турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Очекувањата за висока инфлација влијаат врз производството, потрошувачката, меѓународната конкуренција и каматните стапки“, рече Берат Албајрак во своето обраќање на настан во североисточната турска област Трабзон.
„Поради оваа причина, еден од приоритетите на нашата програма е трајно намалување на инфлацијата и достигнување на едноцифрена стапка на инфлација.“
Според државната статистика, годишната инфлација во Турција од над 25 отсто во октомври минатата година, падна на 20,35 отсто во јануари и 19,67 отсто во февруари.
Министерот Албајрак нагласи дека стапката ќе биде под планираната цел во новата економска програма на Турција објавена во септември минатата година.
Според програмата, целната стапка на инфлација во земјата за оваа година изнесува 15,9 отсто, 9,8 отсто за следната година и 6 отсто за 2021 година.
„Турција ќе влезе во позитивен процес преку нови реформи“, потенцираше Албајрак.