Abdula Berisha
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - ТАВ Македонија и „Виз ер“ (Wizz Air) промовираа 4 нови авиолинии од двата аеродрома во Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Градот Турку во Финска и Ларнака во Кипар се новите дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје, а патниците од Охридскиот аеродром ќе можат да патуваат во германските градови Меминген и Дортмунд.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, кој беше присутен на настанот, изрази надеж дека отворањето на новите авиолинии ќе придонесе за продлабочување на пријателството на Северна Македонија со овие земји.
„Особено ми е мило што бројот на патници од нашите аеродроми е во континуиран пораст, воспоставени се нови линии кон бројни европски градови, а со тоа е и отворена можноста за зголемување на бројот на туристи од различни земји, кои доаѓаат во посета на Република Северна Македонија“, рече Спасовски.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, изјави дека од Меѓународниот аеродром Скопје моментално се лета на 44 дестинации, додека од Охридскиот аеродром на 22 дестинации.
„Досега опслуживме околу 1,3 милиони патници на Скопскиот аеродром со пораст од 7 %, а имавме околу 150.000 патници на Охридскиот аеродром со пораст од 53 %“, рече Ерсој и додаде дека исто така пораснал бројот на летови до двата аеродрома во земјата.
Паулина Госк, претставничка на компанијата „Виз ер“ (Wizz Air), рече дека компанијата функционира во Северна Македонија од 2011 година, додавајќи дека секоја година се забележува пораст.
„Значи од почеток, во 2011 година, транспортиравме повеќе од 6 милиони патници, а како што можете да видите, секоја година растеме. Ако ги споредиме првите шест месеци од минатата година со првите шест месеци од оваа година, повторно забележуваме пораст од 13 % во бројот на патници“, рече Госк.
По говорите, присутните свеченo ги пречекаа првите патници кои пристигнаа со првата директна авиолинија од градот Турку, Финска.
Покрај четирите нови авиолинии, се промовираше и поставувањето на петтиот воздухоплов во базата на компанијата „Виз ер“ во Скопје.