Admir Fazlagic
08 Октомври 2016•Ажурирај: 09 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во првите девет месеци од 2016 година, 17% повеќе патници се превезени преку македонските аеродроми, скопскиот Александар Велики и охридскиот Свети Апостол Павле, споредено со истиот период минатата година. Вкупниот број на патници достигна 1.382.714, соопштија од ТАВ Македонија, компанијата аеродромски оператор. Статистиката на ТАВ Македонија покажува и дека во периодот јануари-септември, најфрекфентна дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (до двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во истиот период, од јануари до септември 2016 година, вкупниот број на полетувања и слетувања на двата македонски аеродроми исто така се зголеми за 11%, на вкупно 13.009 летови.
„Порастот од 17% на вкупниот број на патници во првите девет месеци од годинава покажува дека стратегијата за ширење на мрежата на рути до повеќе и различни дестинации се покажа како успешен мотор за зголемување на патувањата до и од македонските аеродроми. Оттука, нашите главни заложби како менаџмент, силно поддржани од Маркетинг Одделот на ТАВ Аеродроми, како и од Владата како наш партнер, ќе останат фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фрекфенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај. Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром – Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017 година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори", изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека во периодот јануари-септември, најфрекфентна дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (до двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен), а потоа следуваат Цирих, Виена, Базел (Мулхаус), Малме и Лондон (Лутон).
Во однос на учеството на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Визер го превезол најголемиот број на патници во првите девет месеци со 53,5% пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 8,7%, Аустриан ерлајнс со 6,4%, Германија флуг си 5,9% и Пегасус ерлајнс со 4,5% пазарен удел.
И карго-сообраќајот на скопскиот аеродром во првите девет месеци годинава забележа значителен пораст од 16,6%, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго-летови за превоз на стоки на извозните компании.