Admir Fazlagic
06 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со учество на околу 10.000 учесници од 58 земји, во Скопје се одржа 14-то издание на „Виз Ер Скопски маратон“, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој спортски настан, кој собра илјадници граѓани од различни земји од светот и го вбројува главниот град на Македонија на светската атлетска мапа, започна на градскиот плоштад „Македонија“, од каде што тргнаа пријавените учесници.
Победник на 14-тиот скопски маратон е Кениецот Еванс Кипкемои Бивот, кој делницата долга 42 километри ја истрча за време од 2 часа, 14 минути и осум секунди, додека во полумаратонот од 21 километар најбрз беше атлетичарот Дарио Ивановски, со време од 1 час, 10 минути и десет секудни.

Во женска конкуренција, во полуматаронот, првите три места ги освоија Миљана Ристиќ од Македонија, со време од 1 час, 29 минути и 15 секунди, Амела Трозиќ од Босна и Херцеговина со 1 час, 32 минути и 22 секудни и Силвија Шимуновиќ од Хрватска со 1 час, 35 минути и 06 секунди.
По завршената трка од пет километри во женска конкуренција најуспешна беше Греса Бакраќи од Косово со време од 19 минути и 8 секунди, а во машка конкуренција првото место го освои Богдан Цветковски од Македонија, со постигнато време од 17 минути и 25 секудни.
Во маратонот на 42 километри се натпреваруваа 343 атлетичари, во полумаратонската трка од 22 километри имаше 1.909 пријавени лица, за Штафетниот маратон беа регистрирани 365 учесници, а најмногу учесници имаше трката од пет километри за која беа пријавени 7.200 учесници.
Главниот промотор на годинешното издание на Скопскиот маратон беше поранешната светска шампионка Пола Редклиф.
Маратонот традиционално се организира од страна на Град Скопје и Мисијата на Европската унија (ЕУ) во Скопје, а со поддршка на Агенцијата за спорт и млади.
Во рамките на Виз Ер Скопскиот маратон вчера се одржа и Детски мини маратон во општина Аеродром, чии партнери се Македонскиот олимписки комитет и УНИЦЕФ.