Ekipa
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
САРАЕВО (АА) - Европскиот суд за човекови права донесе одлука за уривање на црквата незаконски изградена од страна на Србите во градината на Фата Орловиќ, која живее во Коњевиќ Поле во Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
Орловиќ (77) со години води судска постапка за да биде отстранета црквата која е изградена во нејзината градина. Таа ја доби тужбата која ја подигна против Босна и Херцеговина.
Според Судот, Орловиќ е во право и затоа е донесена одлука за рушење на православната црква изградена во нејзината градина, во времето кога таа морала да го напушти својот дом за време на војната во нејзината земја (1992 - 1995).
Во соопштението од Судот се истакнува дека отстранувањето на црквата е надлежност на државата Босна и Херцеговина и дека одредбата треба да се исполни во рок од три месеци.
Во соопштението се подвлекува дека црквата е изградена без дозвола и се потсетува дека сопствениците на дворното место не биле информирани за градењето на црквата, односно кога се вратиле во својот дом по војната ја виделе изградената црква.
- Правната борба на бабата Фата Орловиќ -
Фата Орловиќ, пред војната, со својот сопруг и седумте деца живеела во местото Коњевиќ Поље, близу Сребреница. За време на војната го изгубила својот сопруг Шаќир и уште 22 блиски роднини.
Орловиќ како бегалка живеела во различни делови на земјата. И покрај упорноста на нејзините деца кои живеат во САД да ја напушти земјата, таа не се иселила од родното место. Таа се вратила во своето село каде што живеела пред војната.
Откако се вратила видела дека во нејзиниот двор незаконски е изградена црква и веднаш ја започнала правната битка за нејзино отстранување.
Орловиќ ги одбила парите понудени да не ја урне црквата. Правната битка што ја водела 11 години, ја добила во 2010 година, но одлуката на Судот никогаш не била спроведена.
И покрај тоа што Судот во Бијелина донел одлука за уривање на црквата, Врховниот суд на Република Српска (РС) ја запре пресудата.