Admir Fazlagic
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Истражувањето на Евробарометар покажа дека граѓаните на Македонија имаат најмала доверба во полицијата меѓу сите членки на ЕУ и државите-кандидатки за членство, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според истражувањето на Евробарометар, на својата полиција најмалку ѝ веруваат граѓаните на Република Македонија, односно 34 проценти, а 61 отсто од испитаниците одговориле дека немаат доверба во полицијата.
Во најголема мера на полицијата ѝ веруваат Финците - 95 отсто, Данците - 93 отсто и Швеѓаните - 87 отсто. Во Словачка, 43 отсто граѓани имаат доверба во полицијата.
Во Бугарија, 44 отсто од испитаниците имаат доверба во полицијата, а другата половина од граѓаните, 54 отсто, нема доверба во својата полиција.
- Ниско ниво на доверба во полицијата во балканските земји
Од анализата се гледа дека довербата во полицијата е на ниско ниво во земјите од балканскиот регион.
Во Црна Гора, 47 отсто од испитаните граѓани имаат доверба во полицијата, додека во Србија 48 отсто од граѓаните имаат доверба во полицијата.
Во однос на довербата во полицијата, 54 отсто од граѓаните на Албанија се изјаснија дека имаат доверба.
За еден процент повеќе, односно 55 отсто од испитаниците во Хрватска велат дека имаат доверба во полицијата.
Во Словенија, во однос на другите земји од регионот, довербата е поголема, каде што 67 отсто од граѓаните имаат доверба во полицијата.
Истражувањето на Евробарометар е спроведено во мај оваа година и направени се споредби со истражувањето од ноември минатата година, период во кој се случија повеќе настани на политичката сцена во Македонија, но и во регионот.