Zülfiya Yakup
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и премиер на Косово, Иса Мустафа, заедно со амбасадорот на САД во Косово, Грег Делави, и шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, се состана со пратеничката група ЛДК во Собранието на Косово, со која е разговарано за актуелниот политички процес, со посебен акцент на ратификацијата на Договорот за демаркација на државната граница помеѓу Косово и Црна Гора, пренесува Anadolu Agency (AA).
„ЛДК и пратеничката група потврдија дека се единствени во врска со тоа и за другите прашања од витална важност за граѓаните на Косово, како и за јакнење на партнерството со САД и со ЕУ“, се наведува во соопштението од ЛДК.
Во продолжението на состанокот на кој беа присутни само премиерот Мустафа и пратениците на ЛДК, пратеничката група на ЛДК високо ја оцени работата и посветеноста на Владата, особено во борбата против корупцијата и организираниот криминал, и побара од премиерот и од Владата, Договорот за демаркација на границата со Црна Гора да го процесуира Собранието на Косово, веднаш по утрешната седница на којашто ќе се разгледува барањето на опозицијата за гласање за доверба на Владата.
До денешниот состанок дојде по вчерашното одложување на седницата на Владата на Косово, на која требаше да се разгледува Нацрт-законот за ратификација на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора. Владата на Косово по вчерашното одложување на седницата соопшти дека Нацрт-законот за демаркација ќе се процесуира в среда, по вонредната седница на Собранието на Косово на којашто ќе се гласа за доверба на Владата.
Во меѓувреме, амбасадата на САД го повика Собранието на Косово да го ратификува Договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
„Остануваме во потполност уверени – по значајното разгледување од страна на експертите на Владата на САД – дека линијата на разграничување воспоставена со договорот е точно нацртана. Дојде време да се стави точка на дискусиите и несогласувањата што само му штетат на Косово, нанесуваат штета на кредибилитетот на Косово во странство и ја отежнуваат способноста на граѓаните на Косово да патуваат слободно“, се наведува во соопштението.
Американската амбасада ја повика Владата на Косово веднаш повторно да го поднесе инструментот за ратификација до Собранието на Косово, а пратениците да го ратификуваат без понатамошно одложување.
„Време е да се стави точка на политичката опструкција на Република Косово, за Собранието и Владата да можат да почнат со создавање на напредок на другите витални прашања во име на граѓаните на Косово“, порачано е од амбасадата.
Владејачката коалиција досега го немаше потребното двотретинско мнозинство пратеници, или 80 гласа за ратификација на Договорот за демаркација, затоа што покрај опозицијата, на тој договор се противат и одредени пратеници на владејачките партии, Демократски сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа и Демократската партија на Косово (ПДК) на Кадри Весели.
Тие тврдат дека Косово со овој договор губи повеќе од осум илјади хектари земја. Ратификувањето на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора е останат услов кој Косово треба да го исполни за да добие визна либерализација од страна на ЕУ.