Балкан

ДНК материјалите за истрагата на тешката автобуска несреќа предадени на бугарското Обвинителство

„За потребите на Обвинителството на Бугарија и на Јавното обвинителство на Северна Македонија се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување на други лица кои може да дадат сознанија за трагичниот настан“

Husamedin Gina  | 27.11.2021 - Обновена : 29.11.2021
ДНК материјалите за истрагата на тешката автобуска несреќа предадени на бугарското Обвинителство Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Oбвинител и истражител од Бугарија денеска ги презедоа материјалите за истрагата и за идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во Бугарија, во која животот го загубија 45 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).

По предавањето на материјалите поврзани со истрагата, во Обвинителството заедничка прес-конференција одржаа јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, заменик-окружниот јавен обвинител во Перник, Бисер Јорданов Михајлов, како и истражителот во Националната истражна служба на Бугарија, Младен Христов Петров.

Јавниот обвинител Јовески, истакнувајќи дека денес на обвинителите од Бугарија им се предадени ДНК-профилите на роднините на несреќно загинатите патници, со информација за вид на сродството, рече дека дадени се записници од испитувањето на 8 сведоци за сообраќајната трагедија и целокупната документација за автобусот со која располага Министерството за внатрешни работи.

„Ве известувам дека за потребите на Обвинителството на Република Бугарија и за потребите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување на други лица кои може да дадат сознанија за трагичниот настан“, рече Јовески.

Тој додаде дека се обезбедуваат докази и за почитување на законот при вршењето јавен и меѓународен транспорт на патници.

Истакнувајќи дека непосредно по сообраќајната трагедија надлежните служби веднаш влегле во канцелариите на агенцијата „Беса транс“, Јовески рече дека одземена е документацијата и компјутерите и увери дека доколку се утврди дека има елементи за кривично дело, Обвинителството ќе започне соодветна постапка за кое било лице, кое ќе одговара согласно законот.

Истражителот во Националната истражна служба на Бугарија, Младен Христов Петров, на прес-конференцијата им изрази сочувство на семејствата на загинатите патници и рече дека сочувствува со нивната болка.

„Јас се имам сретнато и претходно со професионализмот на моите колеги во Обвинителството во Македонија. И во овој случај се уверив дека имаме меѓусебна соработка, прекрасна активна комуникација и деноноќна работа, која започна од раните утрински часови на несреќата на 23 ноември и трае досега“, нагласи Петров.

„Меѓусебната добра соработка со институциите од Северна Македонија“, додаде Петров, „ни овозможи за многу кратко време да успееме да ги идентификуваме загинатите и за кратко време да располагаме со многу докази.“

Бугарскиот заменик-окружен јавен обвинител во Перник, Бисер Јорданов Михајлов, истакна дека координацијата меѓу судските власти во двете држави е на исклучително високо ниво, и дека од денот и часот од несреќата, институциите постојано работат. Тој изрази надеж дека во најкраток можен рок, по испитувањето на ДНК-анализите, телата на загинатите да бидат вратени на семејствата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.