Stipe Mayiç
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Република Унгарија, Јанош Адер, денес во Загреб се состана со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ. Тие разговараа за миграциската политика и се договорија дека таканаречената балканска рута треба да остане затворена, а зборуваа и за отворените прашања меѓу двете земји како што се ИНА-МОЛ и прашањата за границата, јавува Anadolu Agency (AA).
Грабар Китаровиќ потврди дека хрватско-унгарските односи во последните години биле оптоварени со отворени прашања, иако, како што рече таа, Унгарија ѝ помагала на Хрватска од нејзината независност, во татковинската војна и за членството во ЕУ и во НАТО.
Таа истакна дека отворените прашања се однесуваат на прашањето за ИНА-МОЛ, подрачјето на енеретиката, пограничната соработка и преминот на државната граница, и изрази надеж дека голем дел од овие прашања ќе се решат преку унгарската поддршка на хрватскиот влез во Шенген.
Таа го истакна проблемот со жичената ограда на границата, за која рече дека е производ на несреќните околности на миграциската политика и несогласувањето на ниво на двете земји и ЕУ во целина.
„Се договоривме дека таканаречената балканска рута мора да остане затворена, и дека во таа смисла треба да се продолжи дијалогот со Турција и да се штитат надворешните граници на ЕУ“, изјави Грабар-Китаровиќ по состанокот.
Таа додаде дека контролата на надворешните граници ја отстранила потребата на внатрешните гранични контроли на ЕУ, следствено и на хрватско-унгарската граница.
„Унгарија има јасен став за миграциите. Надворешните граници на ЕУ треба да бидат заштитени, илегалните имигранти не смеат да влезат во Европа, и оние кои доаѓаат со причина, ним треба да им се овозможи чекање во надворешните пунктови за премин, додека не се разгледаат нивните барања за азил“, се согласи Адер.
Унгарскиот претседател укажа на потребата за изградба на нови гранични премини бидејќи меѓу постоечките постои преголемо растојание, во просек 50 километри, како и на потребата за обновување на хрватскиот јадрански нафтовод и обнова на истражувањата на јаглеводородите на граничното подрачје.
Адер смета дека Хрватска треба да ги има предвид инвестициите што МОЛ во последниве години ги имаше во ИНА.
Претседателите за време на заедничката вечера подетално ќе ја разгледаат директивата на ЕУ за контрола на внатрешните граници на ЕУ, за која Хрватска побара суспензија поради метежот на граничните премини.
Двајцата претседатели разговараа и за позициите на двете малцинства, за над половина милион унгарски туристи кои доаѓаат во Хрватска и во согласност со тоа, за олеснување на преминувањето на државните граници.
Унгарија е петти економски инвеститор во Хрватска, ко-членка на Вишеградската група и на Иницијативата на три мориња.
Претседателите укажаа на потребата за јакнење на енергетската и патната инфраструктура, особено за изградба на ЛНГ-терминал на Крк.
Адер за време на посетата на Хрватска ќе се состане и со премиерот Андреј Пленковиќ.