Stipe Mayiç
11 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
ЗАГРЕБ (AA) - Хрватската стопанска комора и Трговско-индустриската комора на Тирана организираа Хрватско-албански бизнис форум на кој учествуваа албанскиот претседател Бујар Нишани и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Јадранско-јонскиот плиновод и автопатот, како што можеше да се слушне на форумот, се главните заеднички проекти на двете земји.
Целта на форумот е додатно запознавање на хрватските компании со можностите за работење во Албанија со помош на претставниците на албанските компании.
Со директно обраќање кон хрватските и албанските компании и стопанствениците, двајцата претседатели, Грабар-Китаровиќ и Нишани, пратија јасна порака за интересот на двете страни за јакнење на деловната соработка. Кажано е дека енергетиката, турзимот, земјоделството, ИТ-индустријата, прехрамбената индустрија, воено- стопанскиот сектор и сообраќајната инфраструктура се заеднички интерес на двете земји.
Колинда Грабар-Китаровиќ во обраќањето на форумот истакна дека во стопанската размена и соработка постои голем простор за подобрување.
„Заедничкото покренување на Јадранско-јонскиот плиновод и Јадранско јонскиот автопат се гаранција за развој на двете држави и југоистокот на Европа", порача Грабар-Китаровиќ.
Претседателот на Албанија Бујар Нишани се сложи со фактот дека двата наведени проекти, како дел од пошироката европска стратегија, се клучен фактор за развој на двете земји,како и целиот регион. Тој истакна дека Јадранско-јонскиот плиновод (ТАП) ќе овозможи енергетска независност на овој дел од Европа.
Нишани им порача на стопанствениците дека двете комори се спремни да им помогнат, како и дека Албанија е отворена за хрватските, но и за други странски инвестиции.
Тридневната посета на Хрватска албанскиот претседател Нишани ја нарече една од своите најважни посети во странство.
Хрватска и Албанија во минатата година имаат забележен раст на стопанската размена за 20 проценти, но износот на размената од 72,5 милиони евра и двете стопански комори го сметат како недоволен.
Со учеството на Хрватско-албанскиот бизнис форум, албанскиот претседател ја завршува тридневната службена посета на Хрватска.