Besar Ademi
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
ПРЕШЕВО (АА) - Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани кој е во посета на општина Прешево, во Домот на културата во Прешево, изјави: „Албанија ги поддржува и ги цени барањата за подобрување на животот на граѓаните на Прешевската Долина“, јавува Anadolu Agency (AA).
Албанскиот претседател, кој престојува во посета на Прешевската Долина по повод на 7. Март - Денот на албанскиот учител, рече дека никој никаде во светот немал повеќе тешкотии во вршењето на професијата наставник колку во Прешевската Долнина. Нишани повтори дека „вистина е оти Албанците од Прешевската Долина се симбол на честа на албанската нација“.
„Најпрво Албанија сака да е заинтересирана за секој Албанец, без оглед каде живее во светот. Ова е уставна обврска за секој претставник на албанската држава. Ве уверувам дека со ум и со срце секој ден сме со вас, а треба да бидеме дури и практично покрај вас“, рече Нишани.
Нишани нагласи дека Албанија ќе ја поддржи и ќе и помогне на Прешевската Долина во економскиот и инфраструктурниот развој на подрачјата населени со Албанци, со истите стандарди како и другите области на Србија, меѓу кои, како што рече, почитувањето на албанските национални симболи, како и еквиваленцијата на дипломите на младите од долината кои дипломираат во Албанија.
- „Етничките малцинства се мост на поврзување на државите и народите во регионот“ -
Нишани по своето обраќање до граѓаните на Прешево, изјави дека балканскиот регион има поминато тешки години кои оставиле големи последици за сите народи во регионот. Тој истакна дека е време сите овие луѓе кои живеат во овој регион да се движат напред со меѓусебно почитување, а ова, според него, ќе придонесе за подобра иднина на народите во регионот.
„Нас како Албанци каде и да живееме на Балканот јасно ни е дека нашиот едниствен пат е да бидеме дел од Европската Унија, во ова големо семејство. Сепак, почитувањето на правата на националните и културните малцинства насекаде е додадена вредност за земјата во која живееме. Ние мора да разбереме дека малцинствата се мостови меѓу земјите и народите во нашиот регион“, рече Нишани.
Тој истакна дека Албанија како членка на НАТО секогаш ги поддржувала и ќе продолжи да ги поддржува сите земји од регионот во нивните аспирации за членство во НАТО, а во однос на Европската Унија, рече дека Албанија и понатаму ќе дава свој придонес за целиот регион да биде дел од европското семејство.
Претходно, во општина Бујановац албанскиот претседател се состана со институционални и политички претставници, вклучувајќи го и претседателот на Координативното тело на Владата на Република Србија за општина Прешево, Бујановац и Медвеѓа, Зоран Станковиќ.
Инаку, претседателот Бујар Нишани е првиот претседател на Албанија кој ги посети општините Бујановац и Прешево, додека првиот државен претставник кој бил во посета на Србија е поранешниот албански претседател, Енвер Хоџа, кој во 1948 година престојуваше во Белград.