Admir Fazlagikj
07 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
БУЈАНОВАЦ (АА) - Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани денес престојува во официјална посета на општините на југот од Србија, Бујановац и Прешево, каде што мнозинско население се Албанците, и се состана со претставниците на локалната самоуправа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во просториите на општина Бујановац, претседателот Нишани оствари средба со градоначалникот Шаип Камбери, претседателот на Координативното тело на Владата на Република Србија за општина Бујановац, Прешево и Медвеѓа, Зоран Станковиќ, и со други институционални и политички претставници.
На прес-конференцијата која беше одржана по средбите со претставниците на локалната власт, Нишани истакна дека му претставува големо задоволство што престојува во посета на Бујановац и Прешево на Денот на албанскиот учител, за кој рече дека е еден од најважните настани во историјата на Албанците.
Претседателот на Албанија, Нишани, им се заблагодари и на функционерите на Србија за нивниот придонес во оваа посета.
Тој истакна дека ги цени сите залагања за сочувување и развивање на националниот идентитет на Албанците.
„Ги цениме, почитуваме и ги сметаме за многу важни сите залагања кои ги прават локалните самоуправи за да го сочуваат својот идентитет што е заеднички симбол на идентитетот во целиот регион“, рече Нишани.
„Албанија е заинтересирана за зајакнување на понатамошната соработка со Република Србија. Во последните години имаме важни настани кои придонесоа за подобрување на односите помеѓу Република Албанија и Република Србија“, истакна албанскиот претседател Бујар Нишани.
Во тој контекст, рече Нишани, посетата на премиерот на Албанија во Белград и посетата на премиерот на Србија на Тирана, укажаа на многу важни моменти во процесот на изградба и зацврстување на односите помеѓу Албанија и Србија.
Исто така, претседателот Нишани истакна дека Република Албанија е цврсто заинтересирана да ги следи, и да помогне во остварувањето на правата на Албанците кои живеат во Прешевската Долина.
„Тоа се однесува на образованието, националните симболи и на стопанскиот развој, кој ќе биде зајакнат со понатамошниот развој и унапредувањето на односите меѓу Албанија и Србија”, рече Нишани.
Според него, најважно е сите овие средби, состаноци, договори и спогодби да бидат претворени во акционен и подетален план за реализирање на сите договорени мерки.
Нишани истакна дека на состаноците нагласил оти е многу важно во регионот да се промовира заедничкиот живот помеѓу сите заедници.
„Сите ние заедно, Србите, Албанците, Македонците, Црногорците и останатите делиме исто поднебје и го градиме својот живот во ист регион. За доброто на сите наши народи, иднината да се гради врз основа на меѓусебно почитување, а не омраза и нетолерација. Со заедничко почитување и соработка, да градиме многу подобра иднина за нашите поколенија”, потенцираше Нишани.
Тој истакна дека по сите досегашни напори во меѓусебните односи на земјите во регионот, на политичките лидери им останува одговорноста нив да ги унапредуваат.
Инаку, претседателот Бујар Нишани е првиот претседател на Албанија кој ги посети општините Бујановац и Прешево, додека првиот државен претставник кој бил во посета на Србија е поранешниот албански претседател, Енвер Хоџа, кој во 1948 година престојуваше во Белград.