Malik Hasa
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
ТИРАНА (АА) - Министерството за надворешни работи на Албанија го осуди денешниот напад врз Музејот на албанската азбука во Битола, јавува Anadolu Agency (AA).
Преку писмено соопштение, албанското МНР побара од македонските власти што побрзо да го расветлат овој „вандалски чин и да ги казнат сторителите“.
„Повторените напади врз Музејот се доказ за потребата за поефикасна заштита на ова заедничко наследство од страна на надлежните органи. Ние веруваме дека овие напади се активности на една мала група луѓе водени од екстремни националистички чувства, страв, недостаток на информации и штетна реторика во последното време“, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи на Албанија.
Во соопштението на албанското МНР се истакнува дека историјата, традицијата, јазикот и културата на Албанците се додадена вредност за соседите во Македонија и дека нивното зачувување укажува на највисоките демократски и човекови вредности, како и дека Албанија и Албанците биле и ќе бидат постојан пријател на Македонија.
„Ние веруваме во вредностите на соживот, хармонија и соработка меѓу нашите земји и граѓани“, се додава во соопштението.
МНР апелираше до сите страни да останат смирени и истакна дека ваквите напади го одвлекуваат вниманието од вистинските проблеми на земјата и им штетат на меѓуетничките односи во земјата.
Потсетуваме дека денес изутрина Музејот на албанската азбука во Битола беше нападнат, при што беа оштетени фасадата, влезната врата и еден прозорец.