Ekip
24 Октомври 2016•Ажурирај: 25 Октомври 2016
БАКУ (АА) - Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, со најголема државна почест утринава ја прими претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, која престојува во повеќедневна официјална посета на Баку, јавува Anadolu Agency (AA).
Свечениот прием на хрватската претседателка Грабар Китаровиќ е приреден во претседателската палата недалеку од Баку, а по интонирањето на националните химни и поздравувањето на почесната гарда, челниците на двете држави започнаа билатерален состанок зад затворени врати.
Грабар Китаровиќ синоќа допатува во Баку, а по доаѓањето изјави дека билатералните односи меѓу Загреб и Баку се пријателски и дека не постојат отворени прашања меѓу двете земји.
„Мислам дека имаме огромни неискористени потецијали кои се особено видливи во подрачјето на економијата“, изјави Грабар Китаровиќ и додаде дека се надева оти денешните средби со азербејџанските официјални лица, како и утрешниот економски форум во Баку ќе придонесат за интензивирање на билатералната соработка на сите полиња.
Грабар Китаровиќ денес во Баку треба да се состане и со азербејџанскиот премиер Артур Расизаде и челникот на парламентот Огтај Асадов. Двете земји изразуваат подготвеност за јакнење на соработката на полињата на економијата, енергетиката, технологијата, прехранбената индустрија, бродоградбата, транспортот и туризмот.