Adel Ömeragiç
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседавачот со Одборот за вооружени сили на американскиот Сенат, Џон Меккејн, порача денес во Подгорица дека мешањето на Русија во регионот на Западен Балкан, но и во целиот свет, е неприфатливо. Тој ѝ честиташе на Црна Гора за одлуката да биде дел од НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Сенаторот Меккејн денес престојува во официјална посета на Црна Гора, каде што разговара со највисоките државници на земјата. Меккејн имаше кратка средба со војниците на Црна Гора, кои учествуваа во мисиите во Авганистан.
На прес-конференцијата, Меккејн истакна дека во овој момент најважно е да се обезбеди стабилност во светот.
„Јас сум тука поради неколку причини, но една од нив е дека сакам да им честитам на граѓаните на Црна Гора, кои одлучија заедно со своите лидери да бидат дел од НАТО. Мислам дека е многу важно, и кога ќе погледнете што сѐ се случува во светот, сите превирања, тогаш е важно да се обезбеди стабилност, тоа е важно за НАТО, сега и во секој момент. Овде сум бидејќи сум убеден дека однесувањето на Русија во регионот и во светот е неприфатливо во вакви времиња. Верувам дека однесувањето на Русија бара наша солидарност и сила, со цел да ги зачуваме принципите и основните демократски вредности“, рече Меккејн.
Тој нагласи дека Русија се обидува да влијае на изборните и демократските процеси во неколку земји.
„Како што знаете, Русија се обиде да го промени исходот на изборите во Америка. Не успеа во тоа, но има докази дека Русите се обидуваат да ги поткопаат демократските процеси и во други делови на светот. Убеден сум дека нашиот сојуз е зајакнат. Верувам во нашето пријателство, верувам во нашите воени односи, и дека тие се зајакнати. Тоа е онаа функционална демократија, која според мое мислење треба да биде модел за другите делови на светот“, рече Меккејн.
Американскиот сенатор напомена дека во Црна Гора допатувал утринава, по посетата на Сараево.
„Утрово, пред да заминам од Сараево, посетив еден мост во градот, каде што е убиен Франц Фердинанд, каде што е извршен атентат врз него. Знаеме што следеше потоа, се случија најужасните војни во светската историја. Не предвидувам дека тоа ќе се случи денес во овој дел на светот, но сметам дека не треба да ги игнорираме научените лекции и треба да ја зајакнеме солидарноста и да го унапредиме економскиот развој, да ја зајакнеме војската и да го сочуваме мирот“, порача Меккејн.
Министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, по средбата со Меккејн, истакна дека тој изразил поддршка на Црна Гора на патот во НАТО и ЕУ, како и во спроведувањето на реформите.
„Денес, пред сѐ, разменивме информации за тоа кои беа нашите предизвици во претходниот период, како се справувавме со нив и она што можеме да го очекуваме во иднина, имајќи предвид дека се приближува официјалниот ден, кога Црна Гора ќе стане полноправна членки на НАТО. Се разбира, разговаравме и за други прашања кои се однесуваат на глобалната безбедност, учеството на црногорските сили во мисии во странство. Истакнавме дека постои целосна согласност на САД и на Црна Гора во врска со патот на Црна Гора во НАТО и заканите и предизвиците во претходниот период, пред сѐ, мешањето на странскиот фактор, она со што Црна Гора се соочи во текот на изборната кампања, на денот на изборите, и она што потоа следеше и што сега е присутно, не само во Црна Гора, туку и во целиот регион “, рече Бошковиќ.
Тој порача дека е неопходно регионот на Западен Балкан да биде под посебно внимание на меѓународната заедница, а уверен е дека иднината на сите земји во регионот е во евроатлантските интеграции.
„Констатиравме дека е многу важно вниманието на меѓународната заедница, на главните играчи, повторно да биде фокусирано на овој регион, бидејќи во последно време регионот е вознемирен со сето она што се случува во земјите што ја опкружуваат Црна Гора, а и она што се случи во Црна Гора во текот на септември и октомври минатата година. Сигурен сум дека Црна Гора ќе знае да ги искористи придобивките од членството во НАТО, но она што од секогаш сакам да го истакнам е дека иднината на целиот Балкан, на земјите кои настанаа по распадот на Југославија е во евро-атлантските интеграции, бидејќи само така овој регион може да обезбеди стабилност и безбедност“, рече Бошковиќ.
Сенаторот Меккејн во рамките на турнејата низ земјите од Западен Балкан претходните дена ги посети Словенија, Хрватска, Србија и БиХ.